Во првиот квартал на 2025 година, реалниот раст на БДП, откако е избрана оваа влада, изнесува повеќе од 3%, додека, пак, прилагодениот раст изнесува 3,2%. Тоа е многу значајно и ова не е случајност, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција.
Македонската економија е рангирана на 4-то место според растот на БДП во првиот квартал и се наоѓа веднаш зад Ирска, Данска и Полска, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција.
– Според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, во првиот квартал на 2025 година, реалниот раст на Бруто домашниот производ откако е избрана оваа Влада, трет квартал по ред е 3 или повеќе проценти, а прилагодениот согласно сезонските и календарските податоци е 3,2% тоа е бројката којашто ја објавува „Евростат”. Со тоа, практично на досега објавените параметри коишто ги објавил „Евростат”, македонската економија е рангирана на четврто место, веднаш позади Ирска, Данска и Полска. Тоа е многу значајно и ова не е случајност. Ова е резултат на храброст, визија и многу работа. Ова е доказ дека кога државата се води на исправен начин, но и со знаење, со план и со трпение – резултатите мора да дојдат. Знаевме дека не смееме да губиме време. Го затворивме поглавјето на стагнација, несигурност и манипулација. Отворивме ново поглавје на економски раст, на вреднување на трудот, на поддршка на приватниот сектор, на фер конкуренција.
Овој раст е многу сериозен сигнал дека реформите даваат резултати, имајќи предвид дека станува збор за првиот квартал од годината коишто секогаш е најслаб би рекол и најпредизвикувачки. Сепак, доколку сакаме до 2030 да бидеме уште повисоко на европската економска скала, мораме: Да го одржуваме просекот којшто ќе биде поголем од 4%, се разбира тоа не зависи само од нашите внатрешни параметри тоа многу зависи и од екстерните фактори, имајќи дека просекот во рамките на ЕУ е 1,4% тогаш можеме да кажеме дека ние сме 2 ипол пати над тој просек, а во еврозоната е 1,2% – порача премиерот.
Можеме слободно да кажеме дека економијата конечно се стабилизира во рамките на 3 и +3%, нешто што порано беше невозможна мисија, порача Мицкоски.
– Еве неколку податоци коишто можеби ќе бидат интересни. Да речеме Белгија е 1,1%, Германија е 0%, Естонија е 0,1%, Франција 0,6%, Италија е 0,7%, Латвија е -0,3%, Унгарија е -0,4%, Австрија е -0,7%, Романија е 0,5%, Словенија е -0,8%, Словачка е 1%, Финска е 0,8%, соседна Србија во првиот квартал е 2% итн. Целта беше на оваа Влада да ги решиме дупките во продуктивноста и вработувањето, но, она што е важно дека покажавме дека државата конечно функционира. И тоа го гледаме денес. Во странските инвестиции што растат. Во индустриското производство што се стабилизира и веќе би рекол втор квартал по ред е позитивно. Во новите инвестиции што се реализираат – од Гевгелија до Куманово, од Кичево до Штип, од Делчево до Дебар.
Овој раст не е само бројка. Тоа се нови фабрики, нови машини, нови договори, нови плати, нова надеж. Тоа се семејства што имаат повеќе сигурност. Тоа се млади луѓе што гледаат причина да останат и да се борат тука, во својата земја. Знаеме дека економијата не е ништо без луѓето. Затоа ја градиме економијата со луѓето. Со трудољубиви работници. Со креативни млади. Со стручни инженери. Со земјоделци што секој ден се борат со временските услови, а не се предаваат. Со жени претприемачи, со ИТ-иноватори, со чесни претставници на приватниот сектор. Оваа бројка е за нив. Но, ова е само првиот важен чекор – рече Мицкоски.