Иако лани се зборуваше дека оваа обврска ќе биде укината за сите членки на договорот ЦЕФТА, граѓаните и ова лето ќе си вадат вакви документи. Засега нема ништо од ЦЕФТА-иницијативата, која меѓу другите требаше да го укине зелениот картон за македонските граѓани. Откако Србија го презеде претседателството со ЦЕФТА, лани во ноември се пуштија гласини дека е направен план и ќе биде ставен на маса. Српските медиуми дури и објавија дека до средината на декември 2024 година треба да се донесе решение на министерскиот состанок, а од македонската Влада за „Слободен печат“ тогаш рекоа дека се работи на утврдување предлози.
– Ве информираме дека до Република Македонија е доставен нацрт-патоказ што е изготвен во рамките на Централно-европскиот договор за слободна трговија, а кој е во насока на олеснување на движењето на луѓе и моторни возила во земјите членки на ЦЕФТА. Во однос на добиениот нацрт-патоказ, ве информираме дека се преземаат активности со цел да се дефинираат конкретните чекори во согласност со утврдена временска динамика. Имено, се работи на утврдување предлози што засега не се доставени до Владата, меѓутоа штом бидат доставени за нивно усвојување, веднаш ќе бидат споделени со јавноста – одговорија за нашиот весник лани од Канцеларијата на портпаролот на Владата.
Претставниците на ЦЕФТА беа полни со надеж дека планот ќе биде усвоен.
– Дадовме рок од две години, но мислам дека тоа може да се случи и порано. Во принцип сè е договорено, но треба да биде официјално потврдено на претстојниот министерски состанок во декември 2024 година – изјави лани Здравко Илиќ, експерт за трговија со услуги во Секретаријатот на ЦЕФТА во Брисел.
Оваа одлука требаше да важи и за патувањата во Молдавија и Албанија. Беше нагласено дека Србија ја искористила улогата на претседавач со ЦЕФТА, која ја сочинуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Молдавија и Црна Гора, а кога овој предлог ќе биде усвоен, тоа ќе бил одличен резултат на српското претседателство.
– Претставниците на ЦЕФТА разговараа со Европската асоцијација за осигурување возила за најлесниот начин да се реши овој проблем. Во Србија тоа е дел од регистрацијата, но не во сите земји. Има земји каде што регистриран автомобил не значи автоматски дека е осигурен. Предлогот е договорен во форма на препорака на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА – рече тогаш Илиќ.
Зелениот картон се издава врз основа на издадена полиса за осигурување од автомобилска одговорност од соодветната компанија и е замена за полисата за осигурување од автомобилска одговорност издадена за матичната земја со важност за сите земји членки наведени во полисата. Цената на зелен картон на патничко возило до 66 KВ на годишно ниво е 3.690 денари, а за над 66 KВ за една година е 5.536 денари. Цена за патничко возило до 66 KВ за месечно ниво е 1.850 денари, а за возило над 66 KВ e 3.075 денари. За влечните и специјалните возила, мотоциклите, приклучни и работни возила цената е 5.536 денари. Цената за товарните возила и за автобусите е 17.222 денари. Со години се заговара укинување на зелениот картон, кој е голем трошок при секое излегување од земјава, но досега од тоа нема ништо.
На Србите ќе им треба зелен картон за да возат низ Македонија
Возачите од Србија што се упатуваат кон Грција во текот на летото, повторно ќе мора да купат зелена карта за да поминат низ Република Македонија, иако се зборуваше дека оваа обврска ќе биде укината за сите членки на ЦЕФТА-договорот. Бидејќи од минатата година, кога Србија претседаваше со ЦЕФТА-договорот, се зборуваше дека овој административен услов ќе биде укинат, многумина беа изненадени од информацијата дека тоа сè уште не се случило. Во 2024 година, Заедничкиот комитет на ЦЕФТА го отвори прашањето за укинување на обврската и цената на зелената карта за сите наши граѓани што патуваат низ Македонија.
Оваа постапка може да трае до две години, исто како и предвидениот рок, но сите се надеваа дека овој документ сепак ќе биде укинат ова лето. Зелена карта за Босна и Херцеговина, како и за Црна Гора, не им е потребна на српските граѓани. За да добијат зелена карта, возачите мора да имаат задолжителна полиса за осигурување и сообраќајна дозвола, а цената е 2.000 динари во Автомобилскиот и мотоциклистичкиот сојуз на Србија, додека може да се купи по малку повисока цена кај осигурителните компании. Зелениот картон може да се купи при влез во Македонија за 50 евра и важи 15 дена, пишува Политика.рс.