Од македонска страна, за состанокот, за Комисијата, за нејзиниот состав, за агендата на средбата и за досегашните достигнувања има апсолутен молк. Неофицијално дури се тврди дека составот на македонскиот тим во Комисијата бил „класифициран“ бидејќи одлуката во јануари била донесена на затворена владина седница. По речиси една и пол година, во Атина утре ќе се одржи нова средба на Македонско-грчката комисија за образовни историски прашања. По последната средба во март, лани, во Скопје, ова ќе биде деветта средба на Комисијата, во која македонскиот тим е во нов состав. И тоа е единственото што може да се дознае, и тоа благодарение на грчки извори. Од македонското Министерство за надворешни работи само потврдија дека утре ќе има средба во Атина.
Од македонска страна, за состанокот, за Комисијата, за нејзиниот состав, за агендата на средбата и за досегашните достигнувања има апсолутен молк. Неофицијално дури се тврди дека составот на македонскиот тим во Комисијата бил „класифициран“, бидејќи одлуката во јануари била донесена на затворена владина седница. Но, ако втората страна (Грција) со нота е информирана за новиот состав на Комисијата, значи дека и имињата на членовите на македонскиот не се веќе тајна. Освен за македонската јавност. За претходниот состав на македонскиот тим се знаеше дека го предводи амбасадорот Виктор Габер, а во него имаше и еден историчар, еден јазичар, археолог, политиколог, писател-филозоф и експерт за меѓуетнички односи, што се сметаше за мултидисциплинарен состав. Што се однесува до сегашниот состав, според неофицијалните информации, има двајца дипломати, а сите други, вклучително и претседателот, се историчари.
Од она што досега неофицијално или официјално се знае е дека грчката страна инсистира „да се отстранат какви било иредентистички и ревизионистички тврдења од учебниците, мапите и други материјали“, додека од македонска страна воопшто „не протекуваат“ информации, па работата на Комисијата се сведе речиси на ниво на цензура. Во едно интервју на тогашниот претседател на македонскиот тим, Виктор Габер уште по формирањето на Комисијата, на прашањето кои се темите што се очекува да предизвикаат најмногу полемика, рече дека постојат неколку елементи во нашата и нивната историја што се болни. Како пример го посочи периодот од Втората светска војна, соработката на грчките и македонските партизани, до кој степен бил возможен тој однос, дали ќе имало балкански штаб како што предлагале југословенските партизани, а македонските го прифаќале. Потоа што бил СНОФ за партизаните, или за премолчениот договор Аверов – Поповиќ од 1959 година. Има и позитивни примери, како што рече тогаш, како што е Пактот помеѓу Југославија, и во тие рамки Македонија, со Грција и Турција од 1954 година.
Во однос на именувањето на населените места – топонимите (Тесалоники или Солун, Монастири или Битола…), Габер тогаш кажа дека ќе се користат меѓународните конвенции, кои „за нас се доста поволни“. Во тој контекст, според него, ќе послужи и признавањето на македонскиот како службен јазик во поранешна Југославија, заедно со словенечкиот и српско-хрватскиот на Конференцијата на Обединетите нации во Атина 1977 година. Од тогаш неофицијално се дознава дека меѓу спорните точки била и античката историја, при што нашата страна барала да се признае дека таа се протегала и на територијата на денешна Република Северна Македонија. Ние наводно сме барале империјата на Александар да биде дел од светските империи, а Грците, пак, инсистирале таа да се смета за национална империја. И тоа е сѐ што циркулира неофицијално, другото е во доменот на државна тајна. Инаку, Комисијата беше формирана по потпишувањето на Преспанскиот договор што се случи пред точно пет години.