Откако во рекордно време ги распродаде двата концерти во Скопје, Здравко Чолиќ најави и трет концерт во Спортскиот центар Јане Сандански. Настаните ќе се случуваат на 18-ти, 19-ти и 21-ви март, со почеток во 20 часот, а пејачот ќе настапи заедно со симфониски оркестар. Ова е негово враќање во Скопје по шест години пауза. Во 2018 година ја наполни ВИП Арената и одржа два концерти, а потоа во 2019 година, по само седум месеци, одржа концерт на Градскиот стадион во Скопје. Иако во мај ќе наполни 74 години, Здравко е познат по енергичните настапи и по концертите кои траат повеќе од три часа.
Тој е една од најголемите музички ѕвезди од времето на Југославија, а кариерата ја започнал кон крајот на шеесетите години на минатиот век. Во Македонија е чест гостин на општински манифестации, и важи за еден од најплатените музичари во регионот. Влезниците за скопските концерти се со цени од 2.800 до 4.000 денари, и сите се со места за седење поради форматот на концертите.