Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека европските земји треба „да го заострат својот колективен став“ кон Израел, доколку таа земја не одговори соодветно на хуманитарната ситуација во Газа.
Макрон, кој е во посета на Азија, на прес-конференција во Сингапур изјави дека Европејците мора да го заострат својот став кон Израел, „доколку нема одговор што е пропорционален на хуманитарната ситуација што се создава во наредните часови и денови“ во Појасот Газа, објави телевизијата BFM. Францускиот претседател изјави дека признавањето на палестинската држава „не е само морална должност, туку и политичко барање“, наведувајќи неколку услови за преземање на тој чекор, пред конференцијата на Обединетите нации на таа тема, на која ќе учествува на 18 јуни.