Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и премиерите на Велика Британија и Полска – Кир Стармер и Доналд Туск, пристигнаа во посета на Киев за да ја покажат нивната поддршка за Украина и да го потврдат апелот на САД за „целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот”, пренесува Ројтерс. Покажувајќи ја својата моќ, рускиот претседател Владимир Путин вчера угости околу дваесет странски државници, меѓу кои и кинескиот претседател Си Џинпинг, на Црвениот плоштад во Москва. Сега, лидерите на Франција, Германија, Велика Британија и Полска за првпат заеднички ја посетуваат Украина.
-Ќе продолжиме да ја зголемуваме поддршката за Украина. Ќе го засилиме притисокот врз руската воена машинерија сè додека Русија не се согласи на траен прекин на огнот- порачаа тие во заедничко соопштение. Оваа посета, означена како “историска”, се случува четири дена по изборот на новиот германски канцелар Фридрих Мерц, кој претходно ги посети Париз и Варшава. Во Киев, четворицата лидери заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе одржат онлајн средба со останатите лидери од “Коалиција на подготвените”, каде ќе информираат за развојот на формирањето на алијанса која ќе ги здружи воздушните, копнените и поморските сили за поддршка на реорганизацијата на украинската армија по евентуален мировен договор со Русија.