Добивката можеби и не е многу голема, односно не е воопшто, но затоа ќе се најде за покривање на загуби од претходни години. Така ќе направи друштвото „Силекс“ од Кратово, откако Собранието на акционери на 8 јули оваа година ќе донесе таква одлука, барем според предлозите од органите на управување. Односно, се очекува акционерите на кратовското акционерско друштво да гласаат и изгласаат одлука за распределба на добивката остварена во текот на минатата година, која изнесувала 5,7 милиони денари, или 92 илјади евра.
„Утврдената добивка ќе биде искористена за покривање на дел од загубата на Друштвото од минатите години. Се обврзува Управниот одбор на друштвото да ги преземе сите дејствија потребни за спроведување на оваа Одлука во сметководството на друштвото веднаш. Оваа Одлука влегува во сила со денот на нејзиното донесување“, се вели во Одлуката која ќе ја донесат акционерите. За основна дејност на „Силекс“, на Берзата, каде што ова друштво е котирана компанија, се наведува дека е рударство и вадење камен.
Според состојбата од Централниот депозитар за хартии од вредност, најголем сопственик на „Силекс“ е Горан Ивановски, кој поседува 36,66 отсто од акциите, како и Розета Димитровски, која располага со акционерски капитал од 27,19 проценти. Остатокот е распределен меѓу 584 домашни физички, едно домашно правно и осум странски физички лица, но со оглед што нивните пакети акции се помали од 5 отсто и како такви не излегуваат во извештаитер на ЦДХВ, не се знае колкави точно акционерски количини поседуваат. Во 2023 година, според досега објавените текстови на Фактор, Силекс остварил добивка од 188 илјади евра.