Во време на две големи војни, во Украина и на Блискиот Исток, и со човештвото на „89 секунди“ до нуклеарен армагедон, кај нас националистите и натаму пукаат со патриотски салви.
Во поткрепа на својата политика „на отпор“, националистичката власт во Македонија ги негира сите дипломатски успеси на малата балканска држава која се обидувала и сè уште се обидува да не се удави во турбулентното море на светската политика.Потпишувањето на Преспанскиот договор е чин на велепредавство вели некни на телевизија еден македонски професор кој, колку знам, е во кабинетот на македонската претседателка.
Еден друг, пак, пишува за кривична одговорност за потписниците на Преспанскиот договор.
Премиерот, опседнат со нови избори, овој пат локални, обвинува еден поранешен министер за надворешни работи, дека со прифаќањето на „францускиот предлог“, зарил нож во белите дробови на македонскиот идентитет.Какви се ова зборови за поранешни политичари кои ја воделе државата? На тврдењето дека дипломатските решенија и обезбедија на Македонија напредок и мир повеќе од три децении, националистите одговараат: ќе напредувавме и ќе имаше мир и ништо да не потпишавме. Некои одат дотаму што тврдат дека сега ќе не молеа да влеземе во НАТО и во ЕУ, само да издржевме да не потпишеме ништо, од 1993 до денес. На пример, да издржевме да останеме надвор од ОН како непризната територија за да го заштитиме уставното име?
Добро, во меѓународната политика не можеш да знаеш за она што не се случило, ама македонските патриоти од разни бои знаат: немаше ништо лошо да и се случи на државата со политика на пркос и отпор. Поинаку кажано, на реалниот живот на меѓународната политика кој им наложува на малите држави компромиси ако сакаат да опстанат, можевме да се спротиставиме со нашата гордост и инсистирањето на правото.Така, од првото предавство со „поранешна југословенска Република Македонија“во ОН, преку Охридскиот, Преспанскиот, Бугарскиот договор и „францускиот предлог“, ништо не морало да биде потпишано од наша страна. И Македонија ќе била all right. Во кој свет живеат овие луѓе? Во реалниот секако не. Ене им го во Украина и на Блискиот Исток.
Нашле па зашле, би рекла народната. Од искуството во првите години на независноста знам дека меѓународната реалност е многу, многу посложена од она што го прикажува националистичката идеологија. Загледан во екранот, од АI барам одговор на прашањето дали национализмот како идеологија ја поедноставува меѓународната политика. Еве го нејзиниот одговор: „Да, на национализмот може да се гледа како на симплификација на реалноста во меѓународната политика. Многу често национализмот презентира симплифицирани погледи за комплексни теми ставајќи акцент на националниот идентите и интереси, потенцијално знемарувајќи пошироки глобални прашања и меѓузависност“.
Како директен учесник во настаните можам најкомпетентно да го потврдам ова и да го илустрирам со факти за комплексните прашања со кои се соочи државата во првите години на независноста. Тоа беше, да не заборавиме „американската ера“, времето на „крајот на историјата“ во кое владееше правото и демократските принципи. Можам да зборувам и за нашите националистички симплификации на една многу комплексна ситуација. Секако покомплексна од популарната песна која се пееше по улиците и кафеаните во државата:„Има само една вистина…“. Зборот ми е: AI само го потврди моето искуство со националистичките симплификации. Секоја сериозна анализа на Охридскиот, Преспанскит, Бугарскиот договор, како и на „францускиот предлог“, би го докажала ова. Ќе се спротиставам на мојот цинизам да ги охрабрам новите власти да се обидат да демонтираат било кое од овие дипломатски решенија на нивните претходници и да видат што ќе се случи со Македонија. Ама ќе кажам: извадете ги од нејзината денешна политичка конструкција „предавствата“ и државата ќе колабира. Толку да знаете.