Сериозно планиран оброк, подготвен во домот на наводна жена-убиец, е во центарот на судскиот процес што наближува до крајот во рурална Австралија. Осум недели публиката е закована за дневните медиумски извештаи и поткасти за необичниот случај – дека најтоксичната печурка на светот била користена за да се убијат луѓе.
Поротата наскоро ќе одлучи дали Ерин Патерсон, 50-годишна мајка на две деца, намерно ја додала печурката од видот „аманита фалоидес“ во телешкото месо што им го послужила за ручек на родителите на сопругот и на неговата тетка во јули 2023 година.
И родителите на сопругот и неговата тетка починале 3 дена по оброкот. Четврто лице што пробало од јадењето помина неколку недели во кома па се разбуди. Патерсон негира дека е убиец.
И одбраната и обвинителството се согласуваат дека најотровната печурка била во оброкот.
Прашањето е – како стигнала таму?
За време на сведочењето во судот, Патерсон призна дека повеќе пати ги лажела полицајците, фрлила машина за сушење печурки, и го ресетирала мобилниот телефон за да избрише фотографии од печурките, со цел истражителите да не ги видат.Но вели дека немала намера да убива.
Патерсон пред поротата изјави дека „имала глупава реакција да продолжи да лаже и да се закопува подлабоко“.
-Бев само исплашена, рече таа.
Адвокатот на одбраната Колин Манди вели дека Патерсон по грешка додала од отровните печурки во јадењето – отровните печурки според него биле измешани со тие што биле купени од азиска продавница во Мелбурн.
-Тоа што се случи беше трагедија и ужасна несреќа, вели тој.
Манди рече дека случајот на обвинителство е базиран на „смешни“ претпоставки – дека Патерсон имала намера да убие 4 луѓе, да си го уништи животот без мотив.
Обвинителството не мора да докаже мотив. Но мора да ги убеди 12-те членови на поротата надвор од разумно сомневање дека Патерсон имала намера да ги убие двајцата повозрасни сопружници кои биле баба и дедо на нејзините деца, и дека намерно избрала токсични печурки за да го направи тоа.