Колумбискиот сенатор и кандидат за претседател, Мигел Урибе Турбај, е во „критична состојба“ и е подложен на итна операција откако беше застрелан на предизборен собир во Богота.Според канцеларијата на јавниот обвинител, 39-годишниот Урибе бил цел на напад за време на настан во паркот во областа Фонтибон во главниот град.
Тој се здобил со две прострелни рани во главата кога напаѓач пукал во него од зад грб. На видеата објавени на социјалните мрежи се гледа како му помагаат соработниците додека тој крвари од главата.Од болницата „Санта Фе“ рекоа дека тој е примен во критична состојба и дека е во тек „неврохируршка и периферна васкуларна процедура“.
Неговата сопруга, Марија Клаудија Таразона, на мрежата Икс напиша дека тој „се бори за својот живот“ и ги повика Колумбијците да се молат за него.
Во нападот биле повредени уште две лица, но детали за нивните повреди не се објавени.Шефот на полицијата, генералот Карлос Триана, изјави дека на местото на настанот е уапсен осомничен, 14-годишно момче, кај кого било пронајдено огнено оружје.
Владата понуди награда од 730.000 долари за информации, а претседателот Густаво Петро изјави дека истрагата ќе се фокусира на тоа кој го наредил нападот.
Урибе Турбај, кој во март ја објави својата претседателска кандидатура од десничарската партија „Демократски центар“, се надеваше дека ќе се натпреварува на изборите на 31 мај следната година.Неговата мајка, која била новинарка, беше киднапирана и убиена во 1991 година за време на еден од најнасилните периоди во историјата на Колумбија.