Овие обвинувања од СДС ги сметаме за дрски и целосно неосновани, особено имајќи предвид дека најголемиот скандал во историјата на македонската онкологија се случи токму под владеењето на СДС. Наместо да признаат одговорност, СДС се обидува со евтини политички поени да ја префрли вината врз други. Јавноста ги памети фактите и нема да наседне на ваквото лицемерие. Скандали и пропусти на онкологија под власт на СДС: Монструозни злоупотреби со терапијата за канцер: За време на владеењето на СДС, на Клиниката за онкологија се случи невиден скандал – пациентите со канцер не ја добиваа потребната терапија. Наместо скапите цитостатски лекови, болните добивале обичен физиолошки раствор, додека вистинските скапи онколошки лекови биле крадени и препродавани на црниот пазар. Овој морбиден чин ја шокираше целата јавност и предизвика масовни протести на граѓаните, кои со право бараа „оставки, правда за жртвите и казна за вмешаните“, во продажбата на украдените лекарства.
Свесно создаден хаос и „канцер-мафија“ без контрола: Наместо да спречат вакви злосторства, надлежните институции под водство на СДС со години не мрднаа со прст. Пациенти и медиуми предупредуваа дека на Онкологија владее свесно создаден хаос – намерно се правеле долгови, терапија постојано недостасувала a болните добивале физиолошки раствор наместо лек, украдените скапоцени медикаменти завршувале на црниот пазар во земјата и во странство. Никој од тогашните одговорни функционери не презел ништо со месеци и години, па оправдано се поставува прашањето: колку човечки животи ќе беа спасени доколку Министерството за здравство, инспекторатот и Фондот не замижеа пред овој криминал? Утврдено директно учество и одговорност на кадри на СДС: Парламентарната Анкетна комисија за скандалот на Онкологија изнесе поразителни заклучоци кои водат директно до СДС. Главната одговорност за онколошкиот криминал треба да се бара кај високите функционери именувани од тогашната власт – поранешниот министер за здравство, а сега претседател на СДС Венко Филипче, тогашниот директор на Онкологија д-р Нино Васев, економскиот директор Нехат Нухи, директорката на Државниот здравствен инспекторат Ирина Сотирова-Бухова, како и тогашните директори на Фондот за здравство Стево Крстевски и Фатон Ахмети. Сите овие лица беа поставени од владата на СДС и токму нивната негрижа и неспособност овозможија да се случи овој скандал.
Саботирањето на истрагата и обид за заташкување: Наместо соочување со вистината, СДС (заедно со нивниот коалициски партнер ДУИ) направи сѐ за да ја опструира разврската на случајот. Фактот дека СДС и ДУИ намерно ја саботираа Анкетната комисија за Онкологија, што е доказ дека правеа сѐ да не се дознае вистината и да заштитат свои кадри вплеткани во онколошката афера. Овој паничен обид за прикривање говори доволно за тоа колку длабоки се корените на СДСМ во скандалот. Но, колку и да бегаат од одговорност, вистината излегува на виделина – и таа вистина е поразителна за СДС. Одговорноста за недостаток на лекови е наследство од СДСМ! По сето погоре кажано, СДС нема никаков кредибилитет да држи лекции за состојбите на Онкологија. Иронично е опозицијата да држи лекции за тоа што тие го направија во здравствениот систем во колапс и сега глумат загрижени. Реалноста е дека сегашниот недостаток на одредени онколошки лекови е директна последица на нивните пропусти и лошо планирање во минатото. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи СДС да избега од сопствена одговорност. Побарaвме од Јавното обвинителство темелна истрага за сите злоупотреби на Онкологија и казни за одговорните. Веќе се работи на подобро планирање на набавките и итно снабдување со потребните лекови, во соработка со ресорните институции. Дополнително, се воведуваат зајакнати механизми на контрола, за никогаш повторно да не се случи ваков срам во нашиот здравствен систем.
СДС треба да се извини за пустошот што го остави во Онкологија, наместо беспоштедно да ги критикува оние што го расчистуваат нивниот неред. Јавноста јасно гледа кој е виновен за катастрофата на Онкологија, и обидите на опозицијата за дефокусирање се однапред осудени на неуспех. ВМРО-ДПМНЕ останува на страната на пациентите и граѓаните – со дела, а не со зборови – за конечно да има ред, одговорност и доволно лекови во здравството.