Лидерката на Францускиот национален митинг (Rassemblement National), Марин Ле Пен, доби забрана да се кандидира за јавна функција во рок од пет години – таа е осудена на четири години затвор. Ле Пен, која ја напушти судницата пред да биде прочитана пресудата, беше прогласена за виновна за проневера. Две од четирите години затворска казна се условни – не е јасно дали воопшто ќе одлежи затвор. Забраната ги урива нејзините надежи да се кандидира на претседателските избори во 2027 година. Ле Пен, која не разговараше со новинарите по пристигнувањето во судот, ги обвини обвинителите дека бараат нејзина „политичка смрт“, тврдејќи дека тоа е заговор за да се спречи РН да дојде на власт. Обвинетите велат дека парите биле искористени легитимно и дека обвиненијата претесно дефинираат што прави пратеничкиот асистент. Десничарската лидерка и 24 други функционери од нејзината партија Национален митинг се обвинети дека пренасочиле повеќе од 3 милиони евра од средствата на Европскиот парламент за плаќање на персоналот со седиште во Франција помеѓу 2004 и 2016 година.
Судијата Бенедикт де Пертуис рече: „Утврдено е дека сите овие лица всушност работеле за партијата без да им бидат доделени задачи од европратеникот. Истрагата, исто така, утврди дека ова не е административна грешка… туку повеќе е проневера како дел од системот дизајниран да ги намали трошоците на партијата“. Ле Пен ги отфрли обвинувањата дека била на чело на системот чија цел е да се исфрлат средствата од ЕУ за доброто на нејзината партија. Обвинетите негираа дека сториле нешто лошо и тврдеа дека средствата биле користени легитимно. Судењето траеше девет недели на крајот на минатата година. Ле Пен (56) трипати беше кандидат за претседател, а претходно изјави дека изборите во 2027 година ќе и бидат последен обид да ја освои највисоката функција.