Новата власт има доволно гласови и поддршка од граѓаните за да ги решава сите напластени проблеми, но и да ги продолжи европските реформи и да не застрани од патеката на европската интеграција и регионалната соработка, нешто што во повеќе наврати беше јавно промовирано и ветувано од нивна страна, вели вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. На неговиот Фејсбук-профил тој порача дека социјалдемократите, како прогресивни и принципиелни политичари, оставаат во наследство подобра држава од онаа што ја затекнале, но, како што вели, недоволно добра за очекувањата на граѓаните.
-Како опозиција ќе бидеме постојано тука за потребите на развојот, да иницираме но и поддржиме тоа што им треба на граѓаните, да поддржиме европски реформи, да споделиме искуства, но и да критикуваме и да се бориме за демократија, слобода и социјална правда доколку новата власт се дрзне да се репризира себеси како во годините пред 2017. Покрај тоа, јас лично, со цел свој капацитет, со цела своја енергија, посветеност и знаење, ќе се вложам во заздравувањето и реформите на СДСМ како партија која искрено ја сакам и со гордост и припаѓам, бидејќи во овој момент каузите за кои целиот свој живот сум се борел се загрозени и со ослабена подлога и база, додава Маричиќ.
Тој им ја честиташе победата на ВМРО-ДПМНЕ на двојните избори и порача дека ќе продолжи да ги застапува европски реформи за членство на Македонија во ЕУ, користење на европските можности, солидарност, соработка и почитување на различностите.-Ќе дејствувам со ум, со разум, со љубов и со посветеност, за подобра европска Македонија, за СДСМ кој води, а не заостанува. Им благодарам за соработката на сите колеги од Владата, од партијата, од граѓанското општество и од бизнис секторот со кои имав можност да соработувам во изминативе седум години, порача Маричиќ.