Поддршка Повикот на социјалните мрежи доби поддршка од повеќе организации и партии, како и од премиерот лично. Анализата на растот на профитите покажува дека македонските синџири маркети се на самиот врв во регионот според профитот по вработен – 5.459 евра! Сериозна реакција предизвика повикот за бојкот на македонските маркети откако на социјалните мрежи беше објавено и мотото „Попусто попусти за исти цени“. Вчера и во поштенските сандачиња, но и на влезовите во некои скопски населби беа делени отпечатени летоци за петочниот бојкот. Во меѓувреме, на мрежата Икс се шират и објави за контрапротест, со цел да се спречи бојкотот, а во кои се убедуваат граѓаните дека треба да се стрпат, оти државата жестоко ќе реагирала!
Покрај првичната поддршка за протестот, премиерот Христијан Мицкоски денес на Фејсбук посочи дека „поединечни трговци и трговски синџири се однесуваат неодговорно, заработувајќи преку енормни цени на производи што ги плаќаат граѓаните“. „Ова, меѓу другото, го разбирам и како напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет“, сугерира Мицкоски. „Растот на цените ја нагласува потребата за одлучна, одговорна и транспарентна акција. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано! Ве уверувам дека преземаме конкретни мерки: денес остварив средби со Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерот за економија, заменик-министерот за економија и со директорот на пазарната инспекција. Наложив засилени контроли и итна реакција на терен“, напиша Мицкоски.
И Партијата на пензионерите ги повика своите членови утре да се приклучат на иницијативата за бојкот.
„Пензионерите како една од економски најзагрозените категории во општеството, длабоко е засегната од вкоренетата практика на огромен број трговци и трговски синџири за манипулација и изигрување на Законот за нефер трговски практики, што дефинитивно претставува акт за најостра осуда. Затоа Партијата на пензионери во целост ја поддржува иницијативата и ги повикува своите членови, сите пензионери и граѓани да го покажат својот став со конкретна акција за бојкот на сите оние што на грбот на сите нас остваруваат енормни, нефер и неетички финансиски профити“ – соопшти партијата.
Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Мирјана Лончар Велкова, за „Слободен печат“ истакнува дека тие не стојат зад ваквите активности, но го подржуваат бојкотот од причина што граѓаните секојдневно се соочуваат со зголемување на цените на прехранбените производи. За Лончар Велкова прв тест за „подолгорочните мерки за стабилизација на цените“ би била пролетната кошничка.
– Многупати кажавме дека за да се види некаков ефект врз цените, мерките или акциите наместо еден, треба да траат барем три месеца. А како репер од кој треба да се тргне се ноемвриските цени. Исто така, треба да се направи анализа дали големите синџири супермаркети меѓу себе се договараат при креирањето на цените – додава таа. Претходно, и Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати, сугерираше дека во иднина Владата никако не смее да го остави креирањето на цените во рацете на трговците, а ни случајно да не им ги најавува акциите.
И покрај акциите, за една година кошничката отиде во плус за 6.000 денари
Вредноста на синдикалната минимална кошница за јануари 2025 година изнесува 63.252 денари, и во споредба со таа од декември 2024 година е поскапа за 391 денар. Со толку акции и мерки за сопирање на инфлацијата, нејзината вредност од јануари 2024 до јануари 2025, скокна за повеќе од 6.000 денари.
За да се спречи дивеењето на цените на храната, кое се совпадна со енергетската криза и за да го заштити стандардот на граѓаните, Владата од април до крајот на мај 2024 им ги ограничи маржите на трговците, но само за неколкуте основни прехранбени производи.
Мерката потоа беше продолжена до крајот на јуни. Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши во април соопшти дека маржите за некои производи изнесувале и до 250 отсто, па затоа замрзнатите цени ги сметаше за исправен потег.
Анализата што ја подготви Државниот завод за статистика (ДЗС) сервираше поразителни податоци дека во последните три години македонските граѓани трошат фрапантни 70 проценти од приходите за храна, пијалаци и основни домашни потреби.
– Просечното домаќинство во Македонија наменува околу 68,6 отсто од својата потрошувачка за задоволување на основните потреби како храна, облека, домување и покуќнина – нагласија статистичарите.
Анализата на ДЗС не соочи и со фактот дека 2022 година била најтешка за преживување, бидејќи тогаш трошоците за храна имале најголем раст од над 20 отсто.
Маркети остварувале убедливо најголем раст од 2018 до 2023 година
Дека трговците ги „дерат“ граѓаните, потврдува и растот на приходите на синџирите трговски маркети. „Кипер маркети“, „КАМ“ и „Стокомак“ имале убедливо најголем раст на приходите во периодот 2018-2023 година. Седумте македонски маркети со најголеми приходи и профити („Веропулос“, „КАМ“, „Кипер“, „Стокомак“, „Кит-го“, „Рамстор“ и „Тинекс“) во 2023 година имаа вкупни приходи од 934,6 милиони евра, покажа анализата на порталот Пари.
Според тие податоци, македонските маркети се на самиот врв во регионот – со 5.459 евра профит по вработен. Зад нив се трговските синџири во Хрватска со 5.404 евра добивка по вработен, иако оствариле многу поголеми приходи по вработен, дури 219.644 евра, со што по промет се на прво место во регионот. Приходот по вработен во македонските маркети изнесува 145.780 евра. Најголемите маркети во Србија и во Црна Гора имаат полоши перформанси од македонските и од хрватските. Приходите по вработен на најголемите маркети во Србија изнесуваат 109.470 евра, а во Црна Гора 102.879 евра. Профитот по вработен во српските маркети изнесува 3.444 евра, а во Црна Гора е 3.405 евра, покажува анализата на Пари.
Како претходно пишуваше „Слободен печат“, маржата што домашните трговци ја ставаат на производите е една од најдобро чуваните тајни, но веќе е јасно дека таа се движи од 30 до 150 отсто. Оваа информација е уште поконтрадикторна ако се знае студијата на консултантската компанија „Меккинси“ за пазарот на намирници за 2023 година. Таа покажа дека во Европа не е тренд да растат маржите. Минатогодишниот извештај „Состојба во малопродажбата на намирници 2023: Европа“ покажа меѓу другото дека просечната маржа (бруто-маржа) паднала од 27 проценти во 2019 година на 24,5 проценти во 2022 година, а стапката на добивка на најголемите европски трговци на мало останала три проценти!?
– Имате триопол и кај синџирите со поскапи, но и кај оние со пониски цени и тогаш не можете да влијаете врз цените на пазарот. Веќе ги видовме резултатите од административните ограничувања на маргините, а трговците не можеа дополнително да ја намалат понудата, бидејќи се плашеа од високите казни – велат некои македонски трговци.