На два дена до првиот организиран бојкот на купувањето во македонските големи маркети, интересна глетка денеска е забележана во маркет на еден од малопродажните синџири во земјава – производ се нуди со попуст од дури нула отсто, по цена идентична како и досегашната.
Фотографијата од несекојдневниот попуст ја објави телевизијата „Канал 5“. На неа се гледаат новата и старата цена на производот, кои се исти, а уредно е наведено и дека попустот изнесува „0%“. Во петок, на 31 јануари, се организира бојкот на продавниците во земјава, организиран на социјалните мрежи и инспириран од сличната граѓанска акција во Хрватска, со која го дели и мотивот – високите цени на храната и основните производи. Бојкотот доби поддршка од сите политички партии, меѓу кои и од владејачките.