Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека штом ќе бидат усвоени потребните уставни измени, целта е да ги започнат преговорите со Македонија по кластерот „Основни вредности“.
Таа во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот, рече дека Бугарија и Македонија треба да најдат решение за билатералното прашање.
– Бугарија и Северна Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за ова билатерално прашање и јас стојам на располагање како олеснувач ако е потребно, истакна Кос.
Таа додаде дека денес во интерес на безбедноста и иднината на континентот потребно е „да заврши обединувањето на Европа“.
– За мене проширувањето е многу повеќе од само проширување. Туку станува збор за обединување на Европа. Тоа не е само морална неопходност, туку јасен услов за посилна и побезбедна Европа. Проширувањето во овој контекст оди подалеку од традиционалниот поглед и станува средство за обединување на Европа околу заеднички вредности и принципи, рече Кос.
Во тој контекст, според неа, ЕУ треба да биде подготвена да проектира стабилност и мир низ целиот континент и во европското стратешко соседство во Централна Азија и Медитеранот.
Извор: slobodenpecat.mk