Денеска во Кочани се одржа шестиот по ред протестен „Марш на ангелите“ со кој се одбележаа два месеци од страотниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“-трагедија која досега однесе вкупно 62 животи. Поворката во молк и тишина ја предводеа роднини на загинатите кои на градите носеа нивни фотографии. Беше побарана неселективна правда и подобри услови за лекување на повредените. Маршот тргна од „Паркот на револуцијата“ во центарот на градот, помина покрај полициската станица, судот и обвинителството. Присутните носеа пароли на кои пишуваше „Нема трагедија, има злосторство“, „Пратеници, голема (не)благодарност за поддршката“, „Не беа жртви на пожар, беа жртви на системот“ и „Затворени очи, отворени гробови“.
Кога заврши протестот, момчиња и девојчиња во црни маички со ликовите на нивните загинати другари и другарки одржаа келнерска трка на кејот на Кочанска река. -Ова не е натпревар, туку гест на почит и хуманост, за да им се поклониме на нашите сограѓани, нашите колеги, нашите херои кои настрадаа или се здобија со повреди во трагедијата. Тие работеа со насмевка и пожртвуваност, а кога дојде најтешкото тие беа таму до крај. Секој наш чекор е сеќавање на нив и нивното достоинство. Ја делиме болката со нивните родители, браќа, сестри, партнери и пријатели, затоа што нивната загуба е и наша загуба. Не молчиме, туку стоиме заедно со сите родители, а собраните средства се важни, но поважна е пораката што ја испраќаме. Никогаш нема да ги заборавиме и нивните приказни ќе живеат низ нас – рече Јане Гицев, организатор на трката на келнерите.