Ана Марјановиќ, онколошки пациент и член на Здружението „Хемаонко“, која денеска беше на средба со обвинителите за случајот „Онкологија“ информираше дека за кратко време ќе бидат исконтактирани семејствата на починатите пациенти во чии истории е утврдено несоодветно лекување, како и пациентите кои се уште се лекуваат. Марјановиќ кажа дека тие како пациенти нема да се откажат од овој случај, но и дека сметаат дека сите што биле оштетени треба да бидат парично обештетени иако тоа нема да го врати тоа што веќе го изгубиле.
-Бевме на средба во Обвинителството и добивме информации кои како за нас како пациенти се од огромно зналење. Првата информација која што ни ја дадоа е дека биле разгледувани сите пациенти во периодот од пет години кои примале и требало да примаат биолошка терапија. Од тие пациенти се лоцирани седумдесетина кај кои што се установило дека личи дека има некакви отстапувања од лекувањето. И овие истории биле испратени на вештачење надвор од земјата и така е утврдено за онаа бројка која што беше објавена од страна на обвинителството за несоодветно лекувани пациенти, рече Ана Марјановиќ, онколошки пациент од Здружението „Хемаонко“. Посочи дека биле информирани и дека семејствата на починатите пациенти чии што истории се дел од истрагата, како и пациентите ќе бидат исконтактирани од страна на обвинителството. -За нас како Здружение и како пациенти оваа информација беше најзначајна за нас затоа што добивме мнгу прашања од пациенти дали се дел од нив, рече Марјановиќ.
Рече дека нема информација со каков тип на рак биле пациените во чии истории се пронајдени недоследности во лекувањето, но најчесто биолошка терапија се дава во одредена фаза на лекување кај пациенти со рак на дојка, на бели дробови, на дигестивниот тракт. Марјановиќ посочи дека сега биолошката терапија се добива со конзилијарно мислење и се подига со потпис од страна на пациентите. -Без разлика кој и да направил некаков криминал нашиот став е ист мора да се плати мора дасе научи дека никогаш нема да се повтори, рече Марјановиќ. По средбата обвинителството соопшти дека основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски и надлежниот јавен обвинител во предметот „Онкологија“ Ана Гоговска – Јакимовска имале средба со Ана Марјановиќ и Ангелика Колева, претставнички на неформалната организација која ги застапува онколошките пациенти, со цел да ги информираат за деталите од поднесените обвиненија против лекари од Клиниката за радиотерапија и онкологија за несовесно лекување пациенти.
Како што се наведува во соопштението од Обвинителството, претставниците на организацијата биле информирани дека во текот на истрагата биле прегледани медицинските досиеја на сите онколошки пациенти кои примале биолошка терапија за период од пет години – од 01.01.2018 до крајот на 31.12.2022 година, при што технички советници на истрагата ги издвоиле историите со одредени сомненија за начинот на третирање. – Од сите прегледани истории, 65 беа издвоени, испратени и анализирани од вештите лица во Словенија и Србија. Словенечките експерти потврдија несоодветно лекување кај 29, а српските кај дополнителни 18 пациенти. Нивните наоди беа основ за поднесените обвиненија, посочуваат од обвинителството. На денешната средба, јавните обвинители ги информираа претставниците на пациентите дека во следните денови обвинителството ќе ги контактира пациентите кај кои вештачењата утврдија пропуст во лекувањето или нивните законски застапници со цел да ги информира и да им укаже на нивните права како оштетени. Со оглед на тоа што со овој предмет се испитуваше и се дојде до основано сомнение за повреда на највисокото уставно загарантирано право на здравствена заштита, Основното јавно обвинителство Скопје во текот на целата постапка се грижеше да обезбеди максимална транспарентност и отчетност особено во однос на пациентите, посочуваат од обвинителството.