Книгоиздавателството „Матица македонска“ објави нов роман од истакнатиот писател Велко Неделковски, насловен „Касадеј“. Историска фикција, чие дејство се случува на каменестиот Брдокан, на овие балкански предели кои биле средиште на бурни настани. Конректната приказна за двете имагинарни царства, Трилаконците и Гилбите е епопеја за две соседни кралства над кои е надвисна опасност од нова и, се чини, неизбежна војна. Дали прочитот на старите мапи отвора стари рани и создава нови конфликти? Но, и дали нивниот непрочит е обид за фалсифување на Историјата? Каде завршува другарството, а почнува љубовта? Колку лица има љубовта и дали таа застарува или пак вљубените секогаш одново се вознемирени од старите љубовни искри и огнови? Која е врховната љубовна верност – кон прстенот на избраникот или кон светоста на сопствените чувства? Ова се само дел од идтеите-водителки што го инспирирале Велко Неделковски да се нурне во едно повеќеслојно историско истражување што резултира со овој роман.
„Касадеј“ е роман – фреска за меѓучовечките делби и разделби, за војувањето по чиј крај сите мајки исто плачат, за радоста од љубовта и за болката од невозвратената љубов, за густиот сплет од судбини кои животот го прават комплициран, но и возбудлив и вреден за живеење, за Црквата и Дворот како два сложни или спротивставени престоли. И пак, и одново, се поставува истото тревожно прашање: „Да ги запалиме ли во прав и пепел старите мапи на Брдокан, или, исцртувајќи нови мапи, да ги изгониме засекогаш историските демони и сеништа?“ И ние, како современици, вреди да се замислиме над тој голем исцртан прашалник.
Велко Неделковски (1946) е раскажувач, романсиер, драмски автор и телевизиски и филмски сценарист. Има напишано четириесет и пет литературни дела, дел од нив за најмладите читатели, но и обемен литературен опус наменет за возрасните. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1980 година. Неговите дела се високо вреднувани од критиката и омилени кај читателската публика. Во Македонскатателевизија го помина целиот свој работен век. Потписник е на триесет играни телевизиски серии и на сценарија на три снимени кратки играни филмови. Напишал шеесетина радио-драми кои се снимени и емитувани преку Македонското радио – радио Скопје. Автор е на три театарски драми, изведувани на повеќе сцени во Македонија. Со романот „Втората смена“, Велко Неделковски, веќе 20 години е застапен во лектирата за седмо одделение на основното образование. Добитник е на десетици награди на анонимни литературни и драмски конкурси. Новот роман на Неделковски, читателите, оние што некогаш растеле со „Втората смена“, но и поновите генерации, веќе можат да го најдат во книжарниците на „Матица македонска“.
Матица македонска