Министерството за внатрешни работи денеска ја објасни дилемата за поднесени кривични пријави „за организирање отпор“, за кои претходно медиуми објавија дека се однесуваат на немирите кои избија во Кочани по загинувањето на 61 лице во дискотеката „Пулс“. Од полицијата велат дека кривичните пријави се однесуваат на непочитувањето на прогласената седумдневна жалост и дека тие настани не се случиле во Кочани. Пред два дена пак, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека само шест лица од Кочани биле повикани на информативен разговор во полициска станица.
-МВР до сега поднесе три кривични пријави, но тие се за лица кои не ја почитуваа одлуката на Владата за прогласена седумдневна жалост, односно пуштаа музика и правеа огномети во период на седумдневна жалост, а не за било каков протест. СВР Скопје поднесе две кривични пријави за кривични дела „организирање отпор“ и тоа против едно лице од Скопје, кое во деновите на жалост било затекнато во Градскиот парк, како од звучник пуштало гласна музика и против две лица од Скопје кои во деновите на жалост на подрачје на Центар запалиле огномет. Исто така, СВР Охрид-ОВР Кичево поднесе една кривична пријава против едно лице, кое во деновите на жалост во неговиот угостителски објект во Кичево организирал забава на која била пуштана гласна музика – велат од МВР.
Пред одговорот од МВР, ВМРО – ДПМНЕ излезе со реакција на прес-конференцијата на СДСМ во која објави дека нема кривични пријави за протестите и немирите во Кочани, ниту пак има кривични за објави на Фејсбук, туку шест лица само се повикани на разговор. По трагедијата во Кочани во која загинаа 62 лица имаше протести на кои младите го изразија својот револт против институциите за смртта на нивните блиски и кршеа во Општината во Кочани, а го демолираат и другото кафуле во центарот на градот во сопственост на газдата на дискотеката која изгоре.