Најголем дел од непочитувањето на сообраќајните правила се однесувале на пречекорување на брзината на движење (вкупно 6.056 платни налози), потоа непрописно паркирање (4.213) и непоседување на возачка дозвола (1.510). Од почетокот на месецов заклучно со вчерашниот ден (четврток, 20 февруари) полицијата издала 18.132 платни налози за граѓани-учесници во сообраќајот за сторени прекршоци, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Најголем дел од непочитувањето на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила се однесувале на пречекорување на брзината на движење (вкупно 6.056 платни налози), потоа непрописно паркирање (4.213) и непоседување на возачка дозвола (1.510). Само вчера, во рамки на активностите на полицијата во поглед на постојните сообраќајни контроли низ патиштата во земјава, биле издадени 864 платни налози.
„Притоа по основ на непочитување на брзината на движење и непрописното паркирање евидентирани се – 273, односно 270 прекршоци. Исто така, по основ на управувањето на возило без возачка дозвола вчера беа детектирани 58 прекршоци, потоа следат 33 случаи на некористење сигурносен појас и 28 случаи на зборување со мобилен телефон при управување со возило“, велат од МВР. Покрај ова, евидентирани биле 14 прекршоци кај пешаци, седум лица управувале возило со недозволено ниво на алкохол во крвта и три минувања на црвено светло. Во 21 случај, пак, согласно Законот за возила, од сообраќај биле отстранети нерегистрирани возила. Извор: Новинска агенција МЕТА