Светскиот тенисер број еден Јаник Синер се договори со Светската антидопинг агенција (ВАДА) и ќе биде суспендиран во следните три месеци, па ќе се врати непосредно пред Мастерсот во Рим и Ролан Гарос. Многу интересен коментар за суспензијата на Италијанецот синоќа даде рускиот тенисер Данил Медведев, по поразот од Хамад Меѓедовиќ во полуфиналето на АТП 250 турнирот во Марсеј. – Се надевам дека отсега сите ќе можат да разговараат со ВАДА и ако кажат:
„Го најдовме ова за вас, ќе бидат две години (суспензија), ќе одговорите: „Не, сакам еден месец“. Се надевам дека тоа ќе биде преседан. Во спротивно, ќе биде чудно – рече Медведев. Потсетиме дека Синер двапати беше позитивен на допинг тест во март минатата година на забранетата супстанца клостебол, но Меѓународната агенција за интегритет во тенис го ослободи од обвиненијата. ВАДА ја обжали таа одлука пред Судот за спортска арбитража. Утврдено е дека Синер има многу мала количина клостебол, недоволна да влијае на неговата игра, а контаминацијата наводно била предизвикана од крем за масажа.