Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, имаше поздравно обраќање на работилницата насловена „Ориентација кон иднината: бизнис-можности и предизвици во рамките на Реформската агенда за Западен Балкан 2024-2027 година“. На работилницата присуствуваа бизнис-лидери, претставници на приватниот сектор, сопственици и менаџери на мали и средни претпријатија, претставници на индустриски здруженија и други засегнати страни од приватниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Муртезани ги истакна клучните придобивки и предизвици на Реформската агенда 2024-2027 за Северна Македонија за бизнис секторот. Тој посочи дека реформите, усогласени со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, се клучни за поттикнување на економскиот напредок на земјата, подобрување на бизнис окружувањето, зајакнување на енергетските и дигиталните транзиции, и зајакнување на владеењето на правото. Министерот, исто така, ги нагласи можностите за трансформација на приватниот сектор и важноста од активно вклучување на бизнис заедницата во реформските процеси.
„Реформската агенда и Планот за раст претставуваат можност за трансформација на приватниот сектор во нашата земја. Вашите идеи и размислувања се клучни во овој период на трансформација. Тогаш, да работиме заедно за Реформската агенда да се преточи во вистински, одржлив раст за бизнисите во Северна Македонија“, изјави МЕП Муртезани. Во продолжение следи интегралниот говор на министерот Муртезани:
=========================================================================
Почитувани бизнис-лидери, ценети претставници на бизнис-заедницата, дами и господа,
Денешната работилница „Ориентација кон иднината: бизнис-можности и предизвици во рамките на Реформската агенда за Западен Балкан 2024-2027 година“, означува пресвртница во нашите заеднички заложби за креирање на економската слика на нашата земја. Не се работи само за теоретски политички рамки, туку за опипливата реалност што ќе го дефинира оперативното опкружување за развој на приватниот сектор и ќе придонесе за економскиот раст во иднина.
Реформската агенда 2024-2027 за Северна Македонија, во голема мера усогласена со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, е осмислена да го поттикне нашиот економски напредок. Важно е да се појасни финансиската рамка: Планот за раст обезбедува вкупно 6 милијарди евра за целиот регион на Западен Балкан, од кои 2 милијарди евра грантови, а 4 милијарди евра концесиски заеми. Конкретно, Северна Македонија ќе добие приближно 750 милиони евра преку овој инструмент, а средствата ќе се распределуваат во зависност од напредокот во спроведувањето на клучните реформи. Понатаму, 2/3 од износот што е предвиден за земјава ќе биде распределен во Инвестициската рамка на Заедничкиот фонд за Западен Балкан за инвестициски проекти во сектори како транспорт, енергетика, дигитализација и човечки капитал. Вкупната вредност на предложените инвестиции е околу 1,2 милијарди евра, а средствата што се очекуваат од Реформската агенда се пресметуваат на ниво од околу 440 милиони евра. Владата е посветена на инвестирање во инфраструктура со зрели проекти кои ќе го зголемат економскиот раст на земјата.
Овие реформи, кои се фокусираат на области како дигитална трансформација, подобрено управување и зајакнато владеење на правото, не се само бирократска формалност. Тие се клучни за создавање на поконкурентна и поатрактивна бизнис-средина. На пример, како што е наведено во дадениот концепт за оваа работилница, до декември 2025 година, 100 административни процедури треба да бидат достапни на интернет. Ова е јасен пример за реформите и нивните придобивки за приватниот сектор. Исто така, ефектите од реформите кои се однесуваат на интеграција на пазарот на електрична енергија и ОИЕ (обновливи извори на енергија) се земени како сумарни резултати и евалуацијата покажа дека инвестицијата во 0,8 GW ОИЕ ќе го зголеми БДП за 2% на годишно ниво во среден рок и ќе генерира 6000 работни места со полно работно време. Проценетото влијание на мерката за е-услуги ќе ја зголеми бруто-додадената вредност за 0,46%, а БДП за 0,40%, што претставува значителен придонес кон економската ефикасност и продуктивност. Сумарниот резултат од двете мерки за неусогласеност на вештините и за едукација кај возрасните проценува подобрување на продуктивноста за 0,55% што води до слично зголемување на БДП. Мерката за е-царински услуги предвидува намалување на времето за царинење за 2-4% и побрза обработка на декларацијата, што ќе придонесе за зголемување на обемот на трговијата.
Понатаму, фокусот на дигиталната трансформација во рамките на Реформската агенда е клучен. Донесувањето на мерки во областа на е-трговија, дигитални услуги и кибербезбедност не е само технолошки напредок, туку суштинска промена во насока на зголемување на ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста. За малите и средни претпријатија, ова значи пристап до нови пазари и поефикасно делување, што им дава можност да бидат конкурентни на глобално ниво.
Сепак, мораме да бидеме искрени во однос на предизвиците. Реформската агенда бара приспособувања во усогласеноста со прописите, особено во областите како што се стандардите за животна средина и законите за работни односи. Иако овие промени се суштински за долгорочната одржливост и пазарната интеграција, тие можат да претставуваат почетни предизвици за бизнисите, особено за малите и средните претпријатија, во однос на трошоците за усогласување и оперативните приспособувања. Затоа, ќе треба активно да работиме на спроведувањето на реформите, со цел да се ублажат сите потенцијални ризици и да се идентификуваат решенијата кои ќе бидат од корист за сите. Освен тоа, акцентот на владеењето на правото и антикорупциските мерки е од клучно значење за создавање на еднакви услови за бизнисите. Зајакнувањето на судската независност и транспарентноста во јавните набавки ќе ја зацврсти довербата на инвеститорите и ќе ги намали бирократските пречки, создавајќи попредвидливо и поповолно бизнис-опкружување. За крај, Реформската агенда и Планот за раст претставуваат можност за трансформација на приватниот сектор во нашата земја. Вашите идеи и размислувања се клучни во овој период на трансформација. Тогаш, да работиме заедно за Реформската агенда да се преточи во вистински, одржлив раст за бизнисите во Северна Македонија.