Германија и Европа ќе бидат „сомелени“ ако не се држат заедно, вели поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Меркел ги повика своите сонародници и Европејците да се обединат пред тешките предизвици, јавува германската агенција за печат (ДПА).
„Деновиве навистина се работи за Германија и Европа“, рече таа. Меркел го поздрави договорот меѓу нејзините демохристијани и социјалдемократите за зголемување на трошоците за одбрана. За миграцијата, спорно прашање во коалициските преговори, таа оцени дека таа „останува задача за Европа која мора да се реши преку разговори со соседните земји“. Таа го коментираше и исходот од изборите во Германија, велејќи дека е задоволна што нејзината партија победила, но изрази загриженост за зајакнувањето на екстремната десница. Меркел истакна дека слабеењето на политичкиот центар треба да биде причина за загриженост за сите.