„Победивме на овие избори“, објави Фридрих Мерц, лидер на Демохристијаните (ЦДУ), во обраќањето пред симпатизерите во Берлин, по објавувањето на резултатите од првичните излезни анкети, пренесе „Политико“. Неговата ЦДУ, заедно со баварската сестринска партија, Христијанско-социјална унија (ЦСУ), според излезните анкети, освоиле вкупно 29 отсто од гласовите, односно околу 210 пратенички места во Бундестагот. Зад нив е ултрадесничарската АфД со околу 19,5 отсто од гласовите. СПД е на трето место со 16 отсто, а Зелените на четврто со 13,5 отсто. „Она што сакам да го кажам на нашите бирачи е „ви благодарам“ што ни укажавте доверба, мене лично и на нашата партија, бидејќи знам што значи тоа во смисла на одговорност. И свесен сум за обемот на работа што е пред нас. Со најголема почит ја преземам таа одговорност“, продолжи Мерц.
Кандидатот за германски канцелар рече дека е важно брзо да се формира коалициска влада која ќе биде „одржлива“. „Надворешниот свет нема да нè чека. Сега ќе разговараме едни со други и што поскоро мора да составиме одржлива влада во Германија, влада која ќе може да делува врз основа на мнозинство“, рече Мерц. На денешните избори гласале околу 83 отсто од избирачите во Германија, што е рекорден одѕив од обединувањето на земјата во 1990 година.Предизборен постер на кандидатот за германски премиер на ЦДУ, Фридрих Мерц / Фото: EPA-EFE/HANNIBAL HANSCHKE
Излезни анкети за изборите во Германија: ЦДУ/ЦСУ во предност, ги следи АфД. Според објавените излезни анкети од изборите во Германија кои се одржуваат денеска, партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ освоиле 29 отсто од гласовите, а зад нив е ултрадесничарската АфД со 19,5 отсто од гласовите. СПД е на трето место со 16 отсто, а Зелените на четврто со 13,5 отсто, пренесува „Асошиејтед прес“.