Новиот германски канцелар Фридрих Мерц има намера да прогласи вонредна состојба поради миграцијата. Мерц рекол дека ќе прогласи национална вонредна состојба со цел да спроведе повеќе гранични контроли и депортации, а овој потег е потврден од страна на владини претставници, пренесува Еуроњуз. Владини претставници изјавија за „Еуроњуз“ дека Мерц сака да прогласи национална вонредна состојба за да се забрзаат зголемените депортации на луѓе кои се обидуваат нелегално да влезат во Германија преку безбедна земја од ЕУ.
Мерц и министерот за внатрешни работи Александар Добриндт сакаат да го активираат членот 72 од Договорот за функционирање на Европската Унија, а тоа би значело дека националното право би се применувало за заштита на границите и внатрешната безбедност со непосреден ефект. Владини извори за „Еуроњуз“ изјавија дека Министерството за внатрешни работи веќе прави обемни подготовки за вонредната состојба. Вчера, министерот за внатрешни работи на Германија, Александер Добринд, изјави дека ѝ наложил на федералната полиција да ги заостри граничните контроли со цел да се вратат повеќе нерегуларни мигранти, вклучително и оние кои имале намера да побараат азил.
-Ќе ги контролираме границите построгo, a тоа исто така ќе доведе до поголем број одбивања- рече Добриндт помалку од еден ден откако положи заклетва на функцијата, но истакна дека ранливите луѓе, вклучувајќи ги децата и бремените жени, нема да бидат вратени на границата. Овие планови предизвикаа критики и од Полска и од Австрија, а нивната легалност беше доведена во прашање од некои експерти.