Пишува Давид Михајловски
Мехмед II (отомански турски: محمد الثانى Meḥmed-i sānī, денешен турски: II. Mehmet), наречен „Освојувачот“ (отомански турски: الفاتح el-Fatih, денешен турски: Fatih Sultan Mehmet) — седми султан на Отоманското Царство. Управувал во периодите 1444-1446 и 1451-1481 година.
Рани години
Мехмед II бил син на Мурат II (1403-1451), првично не бил подготвуван од неговиот татко за преземање на престолот. Тој бил трет син и за разлика од неговите браќа родени од благороднички – турски жени, тој бил син на робинка, како што е познато, христијанка со грчко или со албанско потекло. По смртта на првиот постар брат, Мехмет бил побаран од страна на неговиот татко, кој наредил на момчето да му се даде образование[1] и Мехмед бил прогласен за владетел на Амасија. Во 1443 година бил убиен и неговиот постар брат Алаедин, а Мехмед го зел и неговиот престол во Маниса.
Неговиот татко Мурат II многу тешко ја поднесол загубата на своите два сина, па во 1444 година абдицирал во корист на Мехмед, а претходно склучил мир со европските земји и Караманија. Тоа му дало основа да смета дека положбата на неговиот син кој имал само 12 години е стабилно, и покрај тоа што Мехмед бил под големо влијание на големиот везир Халил-паша.
Прво управување (1444-1446)
Првиот период од управувањето на Мехмед бил опфатен со големо соперништво меѓу големиот везир и луѓето околу султанот како Шахбедин-паша, Заган-паша и Саруџа-паша. Големиот везир бил претставник на турската аристократија и сакал младиот султан да води мирољубива надворешна политика, додека пак луѓето околу Мехмед главно биле со грчко потекло и го убедувале на султанот дека главна задача е да ги прошири своите територии. Според нив, целта на Османлиите е да го освојат Цариград.
Од друга страна пак европските земји повлекувањето на Мурат го забележале како слабост во внатрешната политика на земјата. Така европските сојузнички сили започнале поход кон османлиските територии по кое Мехмед повторно се повлекол од власта во корист на својот татко Мурат. По крајот на Никополската битка, Мурат и по враќањето на османлискиот престол кон Мехмед се однесувал како наследник на престолот. Во 1448 Мехмед учествувал во сите значајни кампањи и административни активности. За време на престојот во Магнезија се вљубил во заробеничка – христијанка, на која и го дале турското име Ѓулбахар. Тој ја зел за жена и таа му родила син-наследник, Бајазит II. Но, Мурат ја сметал за недостојна сопругата на Мехмет како идна сопруга на султан, и го принудил да се ожени за турчинка од благороден род – Сит Ханум, која што Мехмет толку ја мразел што подоцна не ја зел ни во својот харем во Цариград.
По смртта на неговиот татко, Мехмед бил повикан од Маниса во Одрин за да го преземе престолот.