Претседателката на Ротари Интернационал од САД, Стефани Урчик е во дводневна посета на Република Северна Македонија. Целта на посетата е информирање во однос на предизвиците со кои се соочува нашата земја, како и проектите кои Ротари заедницата ги реализира за поддршка на заедницата, вклучително и проекти за поддршка на настраданите во неодамнешниот пожар во Кочани. Покрај тоа, ќе се реализираат повеќе средби со Ротаријанци за споделување насоки за дејствување и реализација на активности за поддршка и помош, како и посета на приматели на помош за да се претстави работата на Ротари заедницата во земјава.
Претседателката Урчик ќе даде изјава за медиумите меѓу 12:15 – 12:45 часот на 26.03.2025 (среда) во дворот на ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ – Скопје во Капиштец. Претседателката ќе оствари средба во Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Кисела Вода во кое Ротари клубовите Скопје Исток и Скопје Север реализирале донација со обезбедување музички инструменти и ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ – Скопје во Капиштец во кое Ротари клубот Скопје Запад реализирал донација за опремување училница и санирање тоалети. Во соработка со издавачката куќа во нашата земја, Арс Ламина ќе бидат реализирани донации на книги за училишните библиотеки во двете училишта.
На средбите Урчик ќе разговара за досега реализирани проекти со поддршка на Ротари заедницата во Република Северна Македонија и за потенцијалните можности за поддршка и донации. Меѓународната претседателка ќе ја придружуваат Гувернерот на Ротари дистриктот 1912 Словенија Северна Македонија, Мирослав Штравс, Директорот од Ротари Интернационал Даниел Танасе и претставници од Ротари заедницата во земјава. Ротари е глобална мрежа од над 1.2 милиони членови, пријатели, лидери и луѓе кои решаваат проблеми и кои замислуваат свет каде луѓето се обединети за заедничка акција за да креираат промени во општеството каде што дејствуваат. Како Ротаријанци, ги поддржуваме идеалите на служење на заедницата, разноликост, интегритет, пријателство и лидерство. Исто така, не водат нашите области на фокус: промовирање на мирот, превенција и третман на болести, обезбедување чиста вода за пиење, хигиена, заштита на мајки со деца, поддршка на образованието и развој на локалните економии.