Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити утрово повторно зборуваше за државните симболи и евентуална нивна промена. Вели дека во фокус им е владината програма каде што има утврдени столбови. Тврди дека нема преговори за химната и државниот грб, но, дека нема ниту табу теми. -Политички договор има за владината програма која што има утврдени столбови како што се економскиот развој, животниот стандард, евроинтеграциите, враќање на правната држава, децентрализацијата. Целосно сме посветени на овие столбови. За друго нема преговарање и нема политички договор, иако нема табу теми, кажа денеска Меџити во изјава за медиумите. Запрашан околу евентуално можно отстранување на текстот на химната, министерот вели дека „не сака да навлезе за нешто што нема преговори“. -Мислам дека имаме поважни теми во моментов. Не криеме ништо, кога ќе има нешто, ќе откриеме, посочи членот на коалицијата ВЛЕН.
Пред два дена во дебатна емисија, првиот вицепремиер рече дека ВЛЕН е подготвена да разговара за сите теми, а доколку се отвори тема за промена на грбот, како симбол на комунизмот, тогаш и химната „треба да се прилагоди на новото време“. „Начелно разговаравме за прашањето за грбот и химната. Ако грбот е комунистичка реликвија, тогаш и химната потекнува од комунистичкиот период, тогаш треба да ја прилагодиме химната на новата ера, модерната ера со европски дух. Тоа може да биде химна само со музика и без текст, или текстот може да биде поопфатен. Рековме, ако ги отвориме овие теми, да ги отвориме во пакети“, кажа Меџити. По прозивката на опозициската партија СДСМ, минатата недела реагираше владеачката ВМРО-ДПМНЕ со соопштение дека немало ниту во иднина ќе има дискусија за промена на химната. СДСМ претходно ја обвини власта дека го одвлекува вниманието на јавноста од економската криза со наметнување на теми како промена на грбот и химната. Реакциите на опозицијата почнаа со претходната изјава на министерот за здравство Арбен Таравари дека коалицијата ВЛЕН подготвена да разговара за се, па и за химната.