Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити ги демантира наводите изнесени од опозицискиот СДСМ во врска со негова наводна корупција во рамки на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Според него, СДСМ оди по паметот на ДУИ, обидувајќи се административна и архивска работа во рамките на Министерството кое го води да ја претстави како скандал. „Се работи за редовна контрола во програмата на административниот инспекторат.
Има некоја опомена, забелешка за некоја воспоставена пракса, не за ингеренции или за нешто друго, туку во однос на праксата којашто, за волја на вистината, е воспоставена токму од ДУИ и СДСМ од 2016 година“, изјави Меџити по обвинувањата на СДСМ за наводни неправилности во работењето во Министерството за животна средина. Тој нагласи дека е обжалена опомената од Државниот управен инспекторат. „Сакаат да ја продолжат приказнава. Не може административна работа или архивска работа да се прикаже како голем скандал, ако одиме по скандаливе, ги имаше доста досега“, додаде Меџити.СДСМ денеска ѝ предадоа на Владата документи, во кои како што велат се докажува корупцијата која ја вршел Меџити.