На вчерашното гостување на Изет Меџити во „24 Анализа“ со Душица Мрѓа на се зборуваше за актуелни политички теми и владините политики. Врз основа на скорешното укинување на балансерот, Меџити беше запрашан што би го наследило овој механизам.
„Перцепцијата е дека балансерот донел значителен придонес кон суштинска застапеност, што впрочем не е така. Од 2002 до 2015 година немало таков механизам, а прогресот на правичната застапеност на Албанците и другите заедници од 2% стигна на 15-16%. Со воведувањето на механизмот ‘балансер’, темпото на правичната застапеност всушност се намали, напротив, имаше контраефект во последните години.
Моментот кога се укина, како владини партнери покажавме дека имаме демократски капацитет да ги разговараме и преговараме работите. Констатиравме дека правичната застапеност е уставна категорија која произлегува од Рамковниот договор и дека ќе се реши со посебен закон, во рамките на постојните институции, без да се формира нова институција. Владините политики не се насочени кон дополнително оптеретување на јавната администрација,“ изјави вицепремиерот Меџити, нагласувајќи дека законот за правична застапеност е поадекватно решение од балансерот.
Запрашан дали секоја институција ќе води посебна евиденција за квотите за правична застапеност, Меџити објасни дека тоа нема да биде случај. „Во постоечките институции размислуваме на омбудсманот, кој веќе внимава на правичната застапеност, да му се дадат и казнени ингеренции. Друга опција е Агенцијата за државна администрација, а трета – Агенцијата за јазиците да се прошири со надлежност за правична застапеност. Но, најверојатно ќе одиме со Агенцијата за државна администрација, која веќе се занимава со ова прашање.