Првиот заменик-премиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес учествуваше на конференцијата на тема „Унапредување на зелената инфраструктура во Западен Балкан“, на која ја истакна важноста на изградбата на одржлива инфраструктура, како неопходност а не избор. Меџити на конфернцијата на која присуствуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, рече дека зелената инфраструктура е глобален предизвик кој бара колективна акција, визија и соработка.
Меџити ја истакна важноста на интегрирањето на климатските и еколошките аспекти во процесот на планирање и проценка на влијанието врз животната средина, додавајќи дека овозможува носење информирани и долгорочно одржливи одлуки.
‘Инфраструктурата која е отпорна на климатски шокови, не само што го заштитува буџетот и јавните ресурси, туку придонесува за стабилност и сигурност за идните генерации, а чекори кои треба дасе превземаат се градење и адаптација на системи за управување со ризици кои ќе нè подготват за климатските предизвици, трансформација на енергетскиот сектор кон обновливи извори, модернизација на земјоделството преку ефикасни системи за наводнување и климатски паметни практики, и унапредување на енергетската ефикасност и сеизмичката отпорност на објектите’, рече Меџити. Денешниот настан беше организиран од Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – IPECC Скопје, кој се залага за унапредување на зелените инвестиции преку нивно интегрирање во стратегиите за животна средина.