Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска во Подгорица изјави дека неодамна потпишаната декларација за воена соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово не значи дека тие влегле во некаков сојуз и додаде дека декларацијата нема правна тежина.
„Тоа беше акција на хрватскиот министер за одбрана (Иван Анушиќ). Тој документ нема апсолутно никаква правна тежина. Тоа е гест на добра волја“, рече Милановиќ на Факултетот за политички науки во Подгорица, според „Н1“. На прашањето на студентите за трилатералниот договор кој наиде на критики од Србија, Милановиќ рече дека тоа не е меѓународен договор во строга смисла на зборот, ниту е во согласност со хрватскиот Закон за меѓународни договори. „Тоа е шоу кое е легитимно во политиката. На Србија тоа не ѝ се допадна, тоа му послужи како причина или изговор на претседателот (Александар) Вучиќ за некои домашни политички потези“, рече Милановиќ. Тој нагласи дека „тоа не е сојуз, и секако не е геополитика“. Геополитиката е Украина, а Балканот никогаш не бил, додаде тој.
„Косово, за жал, е непризнаено од голем број членки на НАТО, Албанија е членка на НАТО, тоа е Алијанса од највисок ред. Во таа Алијанса е и Црна Гора“, рече Милановиќ. Хрватскиот претседател одржа воведно предавање пред студентите на Факултетот за политички науки во Подгорица на тема „Проширувањето на ЕУ како геополитички императив“, во кое го истакна значењето на државниот суверенитет и самопочитта. Тој ѝ порача на Црна Гора дека државата е највредното нешто што го има и што го наследува. Нагласувајќи дека е важно Црна Гора да остане фокусирана на Европската унија, Милановиќ оцени дека треба да се задржи достоинството и автономијата во одлучувањето. Тој им порача на студентите „никогаш да не дозволат да бидат доведени во ситуација на емотивна или каква било друга уцена од оној од кого очекуваат нешто поради нивната прекумерна желба“.