Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски вели дека Македонија треба да има современ државен грб и со неговата симболика да биде дел од европското друштво на држави, а не во друштво на Белорусија, Таџикистан и Ангола. Вели дека тоа се ретките земји во светот коишто имаат советска симболика на државните грбови. „Сметам дека Македонија има и добро историско наследство, кое може да ги поврзе и АСНОМ, и Илинденскиот период, и претходните периоди на нашата заедничка држава, и тоа да се отслика во еден современ државен грб којшто би бил подобар и би ги одразувал на еден поквалитетен начин определбите на Македонија, и во таа симболика да биде дел од европското друштво на држави“, изјави Милошоски.
Но, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски не гледа причина за промена на државниот грб. Тој додава дека како партија не се консултирани за мислење на оваа тема која ја отвориле ВМРО-ДПМНЕ и Вреди.„Сите тие симболи нам ни значат вклучувајќи го и лавот и сонцето од кутлеш коешто за жал согласно преспанскиот договор повеќе не е составен дел од таа иконографија. но, како и да е – исто така е и петокраката. Јас лично сметам дека овој грб којшто државата во моментов го има ги задоволува сите потреби и од историски континуитет и од географски континуитет и ја отликува реалноста на македонскиот народ и држава. Ние од ЗНАМ сметаме дека не треба да се дозволи од државните обележја да имаме дополнително наметнување на политиката и партизација“, изјави Димитриевски. Минатата недела, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека со Вреди веќе разговараат за промена на државниот грб.