Во пресрет на Економско-социјалниот совет закажан за во понеделник на кој треба да се разговара за висината на минималната плата, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека евентуалното нејзино зголемување нема да има големо влијание врз буџетот, па затоа државата нема да се меша во одлуката која е оставена на работодавачите и синдикатите.
-Минималната плата како компонента што влијае на платите во државните органи опфаќа многу мал број државни службеници, приближно 14.000. Сите други согласно систематизациите не се поврзани со минималната плата, така што како држава ние немаме ништо против зголемување на минималната плата, што ќе се договорат меѓу себе двете страни, ние тоа ќе го поддржиме. Ќе направиме ребаланс на буџетот и ќе го спроведеме зголемувањето – рече министерката. Но, во однос на предлозите на Стопанската комора на Северозападна Македонија државата да субвенционира дел од придонесите за да се зголеми минималната плата, Димитриеска-Кочоска вели дека тоа мора да биде обврска на работодавачите. Синдикатите веќе излегоа со барање на минимална плата од 500 евра.