Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска се сретна со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводени од шефицата на мисијата, Анет Кјобе. На состанокот се дискутираше за тековните економски состојби и идните проекции во енергетскиот сектор на Македонија, соопштија од нејзиниот кабинет. „Министерката Божиновска ја истакна важноста на соработката со меѓународните финансиски институции во процесот на енергетска транзиција и на напорите на Министерството во спроведувањето на реформите насочени кон одржлив развој на енергетиката, зголемување на енергетската ефикасност и промоција на обновливите извори на енергија, како што е Ветропаркот Богданци, кој обезбедува значителен дел од зелената енергија во земјата, се пример за успешна имплементација на обновливи извори. Таа рече дека овие активности се клучни за економскиот раст и стабилност на земјата“, пишува во соопштението.
Шефицата на мисијата на ММФ, Анет Кјобе, ја пофалила посветеноста на Министерството во спроведувањето на енергетските реформи и изразила поддршка за понатамошните активности. Таа истакнала дека ММФ ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија во нејзините напори за постигнување одржлив економски развој, пишува во соопштението. „Двете страни се согласија дека зајакнувањето на билатералната соработка и координацијата меѓу институциите е клучно за успешно справување со енергетските предизвици и постигнување на стратешките цели на Република Македонија во оваа област“, велат од министерството.