Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска во просториите на Министерството пречека висока делегација од Кралството Норвешка, предводена од амбасадорката Кристин Мелсом, амбасадор на Норвешка за Северна Македонија и Србија, како и претставници на владини институции и познати норвешки компании. Во делегацијата учествуваа и г-ѓа Анита Крокан – Висок советник во Министерството за надворешни работи на Норвешка; г. Гудлеик Ња – генерален директор на “Lærdal Medical”; г. Петер Ремој – извршен директор на “Remøy Invest”; г. Ларс Микелсен, г. Хуго Халворсен и г. Руне Маеле – инвеститори и акционери во компанијата “Avanto”. Присутни беа и претставници на “Normak Investment Group” од Норвешка и Тетово: г. Бесим Зеќири, г. Аки Етеми, г. Аријан Етеми и г. Александар Жарков.
На средбата се разговараше за можностите за проширување на норвешките инвестиции во Северна Македонија, со посебен акцент на Технолошко-индустриската развојна зона Тетово (ТИРЗ Тетово), која е препознаена од норвешката влада како еден од најзначајните инвестициски проекти во регионот. Министерот Дурмиши истакна дека иако политичките и билатералните односи меѓу двете земји се одлични, економската соработка сè уште не го следи истиот интензитет. Според официјалните податоци, вкупната трговска размена помеѓу Северна Македонија и Норвешка изнесува просечно околу 8 милиони евра годишно – бројка која е релативно ниска во однос на реалниот потенцијал за соработка.
Министерот потсети дека во 2021 година е потпишан Договор за јавно-приватно партнерство со компанијата “Normak Investment Group AD Тетово”. Покрај постоечките инвестиции, како онаа на компанијата LEAR, се најавени и две нови инвестиции, меѓу кои и инвестиција од компанијата “Norsksolar”, која веќе има донесено инвестициска одлука. Министерот подвлече дека Северна Македонија во моментов привлекува повеќе норвешки инвестиции отколку која било друга земја од Западен Балкан – успех кој ја потврдува довербата и конкурентните предности што ги нуди нашата држава. Во заклучокот на средбата, министерот уште еднаш го потврди силниот институционален ангажман за подобрување на бизнис-климата, привлекување на странски инвестиции, поддршка на домашните компании и развој на пазарот на трудот, како дел од новите надлежности на Министерството за економија и труд.