Денеска почна тридневната еколошка акција за чистење „Генералка викенд“). (Фото: „Мен енд Маунтен“)
Над 250 волонтери го исчистија од ѓубре скопскиот Аквадукт, културно наследство од 6. век, на денешниот почеток на тридневната (9, 10, 11 мај) национална акција за собирање отпад „Генералка викенд“. Станува збор за волонтерска кампања од граѓани за граѓани, организирана од „Мен енд Маунтен“, со помош на повеќе компании.
Аквадуктот на 20 април 2021 беше прогласен за споменик од особено значење и со тоа доби највисок степен на заштита. Но, остана запуштен и затрупан со ѓубре. Американската амбасадорка Анџела Агелер лани во декември најави дека Аквадуктот ќе биде реставриран со грант од 205.000 долари од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД.
Над 20.000 волонтери ја чистат државата на повеќе од 500 локации во сите општини, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети и волонтери и националните паркови.
„На отпадот не му е местото на улица или во природа. Министерството за животна средина и просторно планирање ги поддржува сите акции во кои се покажува силна иницијатива, инклузивност и желба да бидеме дел од промените со кои ќе се овозможи подобра иднина за нас и за следните генерации. На нашиот пат кон Европа, треба да се однесуваме европски“, изјави првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.Акцијата е поддржана од повеќе спонзори, како и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина. (Фото: „Мен енд Маунтен“)
Со поддршка на Министерството за образование и наука (МОН) и УНИЦЕФ, за првпат, „Генералка викенд“ е вклучена и во едукативниот проект „Еко час“. Учениците од сите училишта денеска добија за домашна задача заедно со своите наставници и професори да ги исчистат училиштата, на 10 мај учениците заедно со нивните семејства ќе ги чистат домовите и просторот околу нивните живеалишта, а на 11 мај учениците заедно со семејствата ќе ги чистат парковите и пикник местата во нивното опкружување. Нивна задача е да го фото-документираат чистењето и на првиот школски час да ги презентираат резултатите.
„Образовниот систем ги насочува младите да се грижат за средината во која живеат. Наставните програми во сите одделенија содржат елементи, кои ја подигнуваат свеста за ризиците од загадувањето и поттикнуваат превентивно делување. Но, со
повеќе партнери на образовните установи и добри иницијативи што лесно се препознаваат, еколошката едукација може постојано да се унапредува“, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.
На отворањето на еко-акцијата „Генералка викенд“ присуствуваа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, директорката на секторот за корпоративни политики и одржливост на „Пивара Скопје“ Снежана Савиќ-Димовска, австрискиот амбасадор Мартин Памер, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, претставници од Управа за заштита на културно наследство, претставници на амбасадите во Македонија.
Во изминативе четири години беа собрани 1 милион килограми отпад за време на Генералка викенд, досега учествуваа над 44.000 волонтери, исчистени беа над 1.000 локации и беа засадени над 120.000 дрвја.
До објектот нема направено соодветен пристап, се доаѓа само по патчето меѓу куќите и реката Серава, па голем број скопјани не знаат како да стигнат до него. Туристите, пак, обично доаѓаат да го посетат во придружба на локални водичи, кои се црвенеат од срам пред гостите за состојбата што ја затекнуваат таму. Градот има со што да се пофали како културно наследство, но не може да се пофали со грижата за дел од објектите, кои се атрактивни за посетителите, но кога тие ќе дојдат на локацијата каде што се наоѓаат, остануваат вчудовидени од она што ќе го видат таму. Еден од нив е скопскиот Аквадукт, кој е прогласен за објект со највисок степен на заштита на културно наследство од особено значење, лоциран на територијата на општина Бутел. И додека Конзерваторски центар се обидува да го реставрира и да го зачува овој неверојатен објект, локалните власти не се грижат да се уреди неговата околина, која е запуштена, со израснати треви и преполна со ѓубре.
До објектот нема дури направено соодветен пристап, се доаѓа само по патчето меѓу куќите и реката Серава, па голем број скопјани не знаат како да стигнат до него. Туристите, пак, обично доаѓаат да го посетат во придружба на локални водичи, кои се црвенеат од срам пред гостите за состојбата што ја затекнуваат таму. Да не беше овогодишниот „Генералка викенд“, па организаторите се сетија да се исчисти околината на Аквадуктот, којзнае уште колку време ѓубрето ќе си лежеше на тој простор. Но и вчерашното чистење не е гаранција дека наскоро нема повторно да се наполни со ѓубре, затоа што никој не контролира што се случува таму. Скопскиот Аквадукт – место со голема историска и културна важност, но истовремено, би рекол и „жртва“ на долгогодишна негрижа. Затоа, денешната акција не е само чистење отпад, туку и обид за враќање на вредностите и вниманието кон јавниот простор, кој ни припаѓа на сите. За жал, Скопје никогаш не било во полоша состојба кога станува збор за јавната хигиена. Недостигот од одржување, неорганизираниот пристап и очигледната негрижа доведоа до состојба во која главниот град е полн со отпад, диви депонии и запуштени површини – истакна градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Скопскиот Аквадуктот е најголем по должина на Балканот, со 386 метри. Некои податоци говорат дека е изграден за време на Римскиот период, но се смета и дека е можно да е изграден за време на Јустинијанскиот период или за време на Османлиите. Водата низ Аквадуктот била носена од Скопска Црна Гора, од селото Рамне. Во 60-тите години по земјотресот паднати биле три арки, по што била извршена санација. Во 2020 година е изработен Основниот проект за конзерваторско реставраторски работи на Аквадуктот врз основа на 15-годишни мултидисциплинарни истражувања во кои биле вклучени домашни и странски експерти. Конзервацијата е исклучително скапа работа и се изведува во неколку фази. Првата фаза се реализираше во текот на 2021/22 година, при што беше поставен дренажен канал во должина од 160 метри, со што се создадоа услови за градежните интервенции. Во 2023 година се работело на втората фаза од реализацијата на основниот проект, што опфатила продолжување и преземање мерки за статичка стабилизација на преостанатите 4 инклинирани столбови на објектот и консолидација на почвата под темелите со цел да се обезбеди идната стабилност и егзистенција на објектот. За втората фаза биле потрошени 3 654 686 денари.
Од воведувањето во работа се извршени дел од подготвителните работи како што е формирање градилиште, контејнерски тип со канцелариски простор за изведувач и надзор, санитарен јазол, магацински простор, складирање материјали, пристап до локација, оградување на просторот на делот каде што ќе се интервенира, расчистување на теренот пред отпочнување со работа и поставување информативна табла – се вели во извештајот на Националната установа „Конзерваторски центар“ за активностите од третата фаза спроведени во 2024 година. За оваа фаза Министерството за култура одобрило 4 милиони денари, а биле потрошени околу 600 илјади. Во план за работа на конзерваторите за 2025 година е зацртано и реализација на четвртата фаза од проектот. Кон крајот на минатата година Амбасадата на САД додели грант за конзервација и реставрација на Аквадуктот од 205 илјади долари. Прашањето што се наметнува е што чекаат локалните власти за да го уредат просторот за овој значаен објект и околината околу него да заличи како што доликува и како што тоа го практикуваат европските земји, кои знаат како од своето културно наследство да направат и туристичка атракција.