Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, е добитник на меѓународната награда „Да за уметноста“, што ја доделува жирито на Медитеранските меѓународни театарски награди, во организација на реномираниот театарски весник Theater Newspaper. Наградата, како што информираат од Министерството за култура, е признание за неговиот вкупен придонес во областа на театарската уметност – од неговото образование и актерска дејност, преку уметничкото и институционално раководење, до организирањето на меѓународни театарски фестивали кои оставија трага на културната сцена во Македонија.
Жирито ги следеше и вреднуваше придонесите во театарот во седум медитерански региони на Турција и во седум земји од странство, наградувајќи истакнати личности што дале значаен белег во периодот 2024–2025 година. Свеченото врачување на наградите ќе се одржи во Анталија, во рамки на настанот што ќе се одржи од 19 до 21 септември 2025 година, а министерот Љутков наградата треба да ја прими на церемонија која ќе се одржи на 20 септември. Признанието, се вели во соопштението, претставува меѓународна потврда за неговата долгогодишна посветеност во афирмација на театарската уметност како културна вредност, како и за неговиот ангажман во унапредување на културната дипломатија на Македонија.