Поддржана од Владата на Обединетото Кралство и Британската амбасада во Скопје, симулациската вежба послужи како чекор во имплементацијата на приспособени решенија, механизми и стандарди за сајбер-безбедност за државните институции. Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија и проектот „Регионална сајбер безбедност во Западен Балкан“, организираше напредна симулациска вежба базирана на сценарио за сајбер напад. Овој настан има за цел да ја зголеми свеста за сајбер заканите и да го зајакне капацитетот на Владата за управување со сајбер кризи.
На Работилницата се обратија премиерот Христијан Мицкоски, Амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Н.Е. Метју Лосон и Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. „Нашиот свет постојано се менува. Пред 15 години симулациите за воени напади ќе претпоставуваа исклучиво напади преку копно или воздух – авиони, нуклеарни напади, војска или тенкови. Денес, тоа е во сајбер просторот, но со потенцијални реални и штетни последици. Пред 15 години, електронските системи страдаа од лоша употреба, незнаење или системски недостатоци. Денес се цел на стратешки хибридни воени напади од државни и недржавни ентитети.“, соопшти Андоновски. Поддржана од Владата на Обединетото Кралство и Британската амбасада во Скопје, симулациската вежба послужи како чекор во имплементацијата на приспособени решенија, механизми и стандарди за сајбер-безбедност за државните институции. „Денес имавме би рекол вежба каде што беше симулиран сајбер напад на дел од институциите на државата и потоа нормално носење одлуки од страна на Кризниот штаб во Владата, што треба да се преземе и мислам дека од сето ова може да се извлече само позитивна поука и да сето тоа кога, не дај боже, се случи да знаеме како да реагираме и кои се чекорите коишто треба да се реагираат како Влада.“ изјави премиерот Мицковски по завршување на симулациската вежба.
Пред повеќе од една недела, владата ја донесе Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 година. Ова е стратешки патоказ за зајакнување на отпорноста и безбедноста на државата во сајбер просторот. Оваа стратегија означува пресвртница во напорите на државата да ја заштити својата дигитална инфраструктура и да изгради побезбедна, посигурна иднина за сите. Стратегијата е донесена по тригодишен јаз без национална рамка за сајбер безбедност, при што отсуството на сеопфатна сајбер регулатива ја остави земјата изложена на зголемени закани.