Денеска (24.04.2025), државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски оствари средба со амбасадорот на Република Турција, Н.Е. Фатих Улусој. На средбата двете страни изразија задоволство од добрите досегашни односи меѓу земјите и се заложија за уште посилна соработка во иднина и постојана координација на теми од заедничко значење. Државниот секретар Петрушевски изрази благодарност за континуираната и сеопфатната поддршка што Турција и ја дава на нашата земја, потенцирајќи ја билатералната, како и регионалната соработка која е на високо ниво, и е од особено значење. Во продолжение на средбата, Петрушевски нотираше дека министерствата за внатрешни работи на двете држави остваруваат исклучителна соработка преку меѓународните и регионалните канали на полициска соработка особено преку СЕЛЕК, ИНТЕРПОЛ и ЕВРОПОЛ.
Сето тоа особено придонесува за поефикасно координирање на активностите за сузбивање на меѓународните криминалистички структури, ефикасна борба против организираниот и другите видови на сериозен криминал – потенцираше државниот секретар Петрушевски. Во фокус на денешниот состанок беа новите можности за продлабочување на соработката, отворените тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, а се разговараше и за актуелните меѓународни и регионални предизвици. Во оваа прилика, од двајцата соговорници беа разменети мислења во интерес на унапредување и зголемување на безбедносната состојба, градење на капацитетите за борба против тероризмот, пожртвуваните напори на двете држави во справување со тероризмот, како и мерките за таргетирање поединци, со цел зачувување на регионалната стабилност и безбедност.