СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.С.(45) од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При преглед извршен на граничниот премин „Св.Наум“, како и при претрес во објект во Охрид, каде привремено престојува, извршен по судска наредба, полициските службеници пронајдоа и одзедоа амфетамин.
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Б.А.(37) од кичевското село Гарани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Тој, на катастарска локација во Кичево, спротивно на одобрение за градење издадено од општина Кичево и на одобрениот основен проект, неовластено извршил проширување и доградба на приземјето на градежниот објект, што било констатирано и при инспекциски надзор извршен на 17.03.2025 година. Со тоа, пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 12.120.360 денари и предизвикал штета на буџетот на општина Кичево од 516.777 денари. СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.Р.(34) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 18.04.2025 на превојот Стража, со возилото кое го управувал, пријавениот удрил полициски службеник додека извршувал службени дејствија.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Ѓ.М.(36) и Д.К.(23), двајцата од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. На 26.05.2024 пријавените со употреба на физичка сила влегле во две хали на правен субјект во Битола и одзеле бакарен кабел од електрична инсталација и други предмети, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 2.970.000 денари. СВР Штип поднесе кривична пријава против В.В.(18) и В.В.(18), двајцата од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 14.03.2025 во Штип, пријавените физички нападнале двајца малолетници. СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.А. (26) од Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“. На 24.04.2025 на Граничниот премин Долно Блаце, на влез во државата, пријавениот на увид приложил фалсификувани италијански лична карта и возачка дозвола.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Т.(69) од с.Балин Дол, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,узурпација на недвижности“. Пријавениот во текот на 2024 на катастарска парцела во с.Балин Дол, узурпирал државно земјиште и се стекнал со противправна имотна корист. СВР Битола поднесе кривична пријава против А.М.(28) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ и „неизвршување на судска одлука“. На 08.04.2025 и 09.04.2025 пријавениот упатувал закани по живот кон неговата поранешна сопруга и нејзината мајка, а притоа постапил и спротивно на претходно донесено решение од Основен суд Кичево. На 28/29.04.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода М.Д.(35) и М.Ѓ.(20), двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно расчистување на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 28.04.2025 во 14.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Беласица“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу електричен тротинет, управуван од А.С.(64) и мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од В.П.(33), двајцата од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ и Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје. На 28.04.2025 во 18 часот во Полициската станица Гостивар било пријавено дека на локален пат во с.Врапчиште, гостиварско, малолетник од с.Врапчиште, кој управувал електричен тротинет, паднал на коловозот. Во несреќата тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница Гостивар. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Гостивар. На 28.04.2025 во 17.20 часот во Струмица полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода В.Г.(43) од Струмица. Врз основа на судска наредба бил извршен претрес во неговиот дом, каде била пронајдена дигитална вага со остатоци од прашкаста материја, а при претрес на лицето биле пронајдени пет најлонски пакувања со кафена прашкаста материја, пет најлонски пакувања со грутчеста материја и пари. В.Г. е задржан во Полициската станица Струмица и за настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 28.04.2025 во 10.10 часот во СВР Скопје, било пријавено дека на ул.„Цветан Димов“ во Скопје, патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Д.(75) од Скопје, удрило во товарно возило „фиат дукато“ со кумановски регистарски ознаки, паркирано од Х.И.(60) од Куманово, кое по инерција од ударот удрило во товарно возило „ман“ со скопски регистарски ознаки, паркирано од Л.Ш.(42) од Скопје, а потоа и во Х.И., кој стоел до возилото кое претходно го паркирал. На местото на настанот починал М.Д., а од страна на лекар од Итната медицинска помош била констатирана смрт. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на Судска медицина за обдукција. Со телесни повреди се здобил Х.И., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје. Денеска (29.04.2025) во 00.06 часот А.С.(64) од Скопје пријавил дека на 28.04.2025 околу 22.50 часот на подрачјето на Ѓорче Петров бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.04.2025 во 12.30 часот во СВР Скопје, 18-годишна девојка од Скопје пријавила дека околу 08 часот во домот на подрачјето на Центар била физички нападната од нејзината мајка М.Н.(45) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во СВР Скопје, 25-годишна жена од Скопје пријавила дека на 27.04.2025 околу 10 часот во домот на подрачјето на Шуто Оризари, нејзиниот вонбрачен партнер О.О.(38) од Скопје, физички ја нападнал неа и нивниот малолетен син, а исто така оштетил и дел од покуќнината. Со него бил извршен службен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. На 28.04.2025 во 09.55 часот во СВР Скопје, Л.П.(69) и Е.Г.(65), двете од Скопје пријавиле дека на градските гробишта Бутел биле одземени една гипсена и една бронзена биста. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. На 28.04.2025 во 17.20 часот во Полициската станица Гази Баба, од СОС Детско село било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник А.Д.(11). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 28.04.2025 во 11.20 часот во ОВР Струга е пријавено дека екипа на ЕВН Македонија, при изведување работи во атарот на струшкото село Калишта, пронашла стара граната. Од извршениот увид констатирано е дека се работи за артилериски проектил од Првата светска војна, калибар 105 милиметри и една чаура со каписла калибар 105 милиметри. Пронајдените предмети безбедно се подигнати од овластени претставници на Дирекцијата за заштита и спасување за натамошна постапка. На 28.04.2025 во 12 часот на бул. „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Ф.Џ.(57) од Скопје, поради тоа што додека со пајак возило му било подигано неговото такси возило, агресивно се однесувал кон полициските службеници, се качил врз возилото и одбивал да се симне. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.04.2025 во 15.47 часот полициски службеници од ОВР Прилеп, додека постапувале по наредба од Основен суд Прилеп за приведување на С.Ќ. на ул.„Дебарца” во населба Тризла во Прилеп, биле физички нападнати од С.Ќ., кој му го одзел службениот пиштол на еден од полициските службеници, и се дал во бегство. Во исто време, се собрала поголема група на луѓе кои на полициските службеници им упатувале закани и навреди. Се преземаат мерки за расчистување на настанот. На 28.04.2025 во 11.30 часот во Радовиш полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш го лишиле од слобода А.У.(49) од Радовиш. Тој бил затекнат на ул. „Шаин маале“ во Радовиш како се движи во воена униформа и на себе имал ремен со пиштол, лисици и дрвена палка, а во рацете имал пушка. При обид да биде лишен од слобода, А.У. се дал во бегство и ги фрлил предметите кои ги носел во себе, но по преземени мерки, бил фатен и лишен од слобода. Од страна на полициски службеници биле пронајдени и одземени предметите кои лицето ги фрлило при бегството, односно една пушка, еден војнички ремен, кожна футрола со еден пар лисици за врзување, метална цевка, футрола со три куршуми за сигнален пиштол, метална рамка со пет капси, пиштол идр.. Лицето е задржано во Полициската станица Радовиш. За настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава.