Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи во соработка со DCAF – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор на 05.03.2025 организираа тркалезна маса на тема „Полициски интегритет – улоги и одговорности на полициските менаџери“. Според Ивица Станковски, помошник на министерот во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кој го отвори настанот, главен предизвик за Министерството за внатрешни работи, како клучна институција за откривање на случаите поврзани со корупција, како и нејзино спречување, е навременото детектирање и идентификација на ризиците од корупција, како и навременото откривање, документирање и докажување на коруптивните однесувања во кои биле вклучени овластени службени лица.
На тркалезната маса, на која присуствуваа помошниците на министерот, началниците на секторите за внатрешни работи и началниците на регионалните центри за гранични работи, посебно беше ставен акцент на улогата која ја има раководниот кадар во министерството, кој треба да претставува пример за тоа што значи етичко постапување и кој, преку одржување на обуки и други форми на делување, треба да се стреми кон јакнење на интегритетот на работниците. Тркалезната маса, исто така, означи важен чекор во нашите напори за подобрување на етичките стандарди и професионализмот во полицијата. Во таа насока, во периодот кој следува (2026-2028), заедно со DCAF ќе биде изработен нов план за професионален интегритет во кој ќе се потврдат постоечките или ќе се утврдат и други ризични области во постапувањето на работниците од МВР, кои се најмногу изложени на ризици од коруптивно или друго незаконско постапување. Во изработката на новиот план за професионален интегритет активно ќе бидат вклучени сите раководители во МВР, кои воедно ќе бидат надлежни за спроведување на планот.