Помошник министерот во Одделот за односи со јавност и стратешки прашања во МВР, Мухамед Исмаиљи, во својство на национална фокална точка на Советот на Европа во РС Македонија за кампањата „Новинарите се важни”, учествува на дводневна меѓународна конференција „Ефективно гонење на злосторството против новинарите, градење на парадигма против неказнивоста”, која се одржува во Луксембург на 29 и 30 април 2025 година. На конференцијата учествува и јавниот обвинител Дејан Петрески, задолжен за следење на кривични дела извршени против новинари, како и високи претставници, фокални точки, обвинители и судии од 46 земји членки на Советот на Европа. Конференцијата ја отвори министерката за правда на Луксембург Елизабет Марг, истовремено и министер делегат на премиерот за медиуми и поврзаност.
„Безбедноста на новинарите за Министерството за внатрешни работи е еден од врвните приоритети и ние сме максимално посветени на ова поле, а видливи се резултатите од оваа посветеност. Потпишан меморандум со Здружението на новинари, одржан голем број работилници, изработен прирачник за безбедност на новинарите и расчистувањето на нападите врз новинари се дел од активностите кои резултираа со зголемување на соработката и меѓусебната доверба и надминување на бариерите“, потенцираше помошник министерот Исмаиљи. На дебатите се покренаа повеќе актуелни теми во врска со заштитата на новинарите и слободата на говорот воопшто, како фундаментален предуслов за демократија во општеството, со посебен акцент на потребата од градење на Национален Акциски План на национално ниво, предвидено во Декларацијата и Препораките на Советот на Европа.