На маргините на Форумот на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР), на кој од денес започнува Претседателството на Северна Македонија со Стратегијата и Јадранско-јонската иницијатива, министерот за европски прашања Орхан Муртезани оствари билатерални средби со министерот за кохезија и регионален развој на Словенија, Александер Јевшек и со Жил Кител, раководител на одделот за Инструментот за претпристапна помош и проширување при Генералниот директорат за регионална политика на Европската комисија.
На средбата со словенечкиот министер Јевшек, се разговараше за тековната подготовка на Претседателството на Северна Македонија со ЕУСАИР и за поддршката во рамки на новиот проект Facility Point. Посебно внимание беше посветено на размената на искуства во областа на европската територијална соработка и управувањето со Interreg програмите, како дел од пошироките подготовки за идно користење на кохезиските и структурните фондови на ЕУ.
На средбата со Жил Кител, беа разгледани сите аспекти поврзани со претстојното претседателство на Северна Македонија со ЕУСАИР, текот на подготовките, координацијата со засегнатите страни и поддршката од Европската комисија. Дополнително, беа отворени прашања поврзани со користењето на достапните финансиски и човечки ресурси, како и потребата од натамошно планирање за ефективна реализација на приоритетите во рамки на Претседателството.