Концептот на доживотно учење е исклучително важен во услови на големи промени на пазарот на трудот, значителни демографски предизвици и брз развој на технологијата. Овозможува активација на невработените, а оние кои работат, остануваат конкурентни на пазарот на труд и добиваат подобри можности за работа. На општествен план пак, претставува моќен инструмент за развој. Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната промоција на новата Стратегија за образование на возрасните 2025-2030 година, изработена во рамки на проект на Центарот за образование на возрасните, финансиран од Европската унија. „Јасно е дека без адекватно обучена и флексибилна работна сила, подготвена за користење на новите технологии, не можеме да го направиме економскиот исчекор што ни е нужен. Од друга страна, има константен пад на наталитетот, а зголемување на миграцијата. И затоа, во реформата на образовниот систем мораме да се фокусираме и на подобрување на образованието на возрасните“, рече Јаневска.
Во системот на образование на возрасни, покрај Министерството за образование и наука и Центарот за образование на возрасните, вклучени се и други владини и невладини организации, а со меѓународна поддршка, рече министерката, се овозможува подобрување на квалитетот и поширок опфат на ранливите групи, кои се важна цел кон која е насочено образованието за возрасни. „Овој систем, заедно со неодамна усвоениот Закон за образование на возрасните, создава силна основа за развој на достапни и релевантни програми, приспособени на потребите на поединците и компаниите, нивен надзор и управување. Ќе потсетам дека новиот закон беше донесен на крајот на 2024 година, и со него за прв пат се регулираше валидацијата на неформалното образование и искуственото учење, се унапредува процесот на верификација на посебните програми за образование на возрасните, a акредитацијата на институциите и установите за образование на возрасните се поедноставува и преминува целосно во надлежност на Центарот“, додаде министерката.
Изразувајќи благодарност до сите кои помогнаа во изработката на Стратегијата, Јаневска рече дека следи поважниот чекор – имплементацијата. „Статистиката вели дека 25% од населението во Македонија на возраст помеѓу 25 и 64 години е вклучено во активности за образование и обука. Да го промениме овој факт и да го достигнеме европскиот просек од околу 47%. Секој работоспособен граѓанин треба постојано да се надградува со вештини кои денешницата ги препознава како важни за успех“, нагласи министерката за образование и наука.