По овој повод, пред присутните се обратија началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и командантот на Логистичката база, полковник Мухарем Мухареми. Началникот на Генералштабот на Армијата, честитајќи го денот, истакна дека е горд на достигнувањата кои беа реализирани во изминатиот период, потенцирајќи ја улогата на единицата во справувањето со последиците од пожарот во Кочани, кој се случи на 16 март оваа година. Тој во оваа прилика им оддаде признание и на медицинските екипи, на персоналот од координативниот центар за поддршка на земјата домаќин и сите останати припадници на единицата.
„Почитувани припадници на Логистичката база, вашите перформанси за време на споменатите задачи и активности уште еднаш докажаа дека логистичката извонредност не се однесува само на ресурсите, туку и на професионалноста, дисциплината и тимската работа“, додаде генералот Лафчиски во своето обраќање пред присутните. Командантот на Логистичката база, полковник Мухарем Мухареми, во своето обраќање истакна дека Логистичката база во изминатите години била активно посветена на исполнување на мисијата и задачите преку континуирана и навремена поддршка. Тој се осврна и на колективот во ЛБ, нагласувајќи дека успешноста на извршување на задачите лежи во тимската работа и колективните капацитети. „Вашата посветеност, достигнатото ниво и воспоставените работни процедури се гарант за понатамошни позитивни остварувања“, наведе полковникот.
Во рамки на денешната свеченост беа доделени повеќе стимулативни мерки. На денешната свеченост присуствуваа и директорот на ГШ, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Командата за обука и доктрини, Лулзим Нуредини, командантот на 1.пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, командантот на СЕЕБРИГ, бригаден генерал Билбил Битри, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, пензионирани генерали, команданти на команди и единици на Армијата и други гости. Со одлука на претседателот и врховен командант на Армијата, Логистичката база го прославува 20 мај, во спомен на денот кога во 1876 година започнало Разловечкото востание и првите логистички подготовки за неговото отпочнување. Основната мисија на ЛБ е планирање, организирање, координирање и извршување на логистичка поддршка на командите и единиците на Армијата на Република Северна Македонија.