Ве информираме дека Министерството за правда на веб страницата, pravda.gov.mk ги објави Записниците од Комисијата за надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник и надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за управување со движење на предметите во судовите за 2024 година. Надзорот не е само процес – тоа е чекор за обезбедување на правичност и транспарентност во судската работа. Од извршениот увид во основните судови и Апелационите судови на може да се заклучи дека: 1. Движењето на предметите во судовите согласно законот се врши преку АКМИС. 2. Распределба и прераспределба на предмети се врши електронски. Не се забележани случаи на рачна распределба на предмети. 3. Изземања на судии се врши според законската процедура и врз законските основи. 4. За секое исклучување и вклучување на судии од АКМИС постојат образложени одлуки заради отсуство подолго од пет дена.
Надзорот утврди и одреден број на слабости за кои Министерството за правда достави препораки чија реализација ќе ја следи комисијата : -Судовите се соочуваат со недостаток на судии и административни службеници. -Судскиот совет да изврши итен избор на судии со цел да се овозможи пополнетост на судовите со судии. Во ниту еден од контролираните судови не е пополнет систематизираниот број на судиски места. -Судовите работат со недостаток од стручни соработници, информатичари и архивари. -Во дел од судовите нема телефонска централа и не се обезбедени униформи за припадниците на судската полиција. Нема лифтови ниту пристап за лицата со попреченост. -Судовите не ги објавуваат редовно на веб страницата програмите за работа, годишните планови, распоредите и други акти со цел да се овозможи поголема транспарентност на работата на судот. Предложени се мерки за решавање на овие проблеми, а комисијата ќе продолжи со следење на нивната реализација.