13 март 2025, Скопје – Справувањето со здравствените и економските последици од употребата на тутунот, е навистина голем предизвик за сите земји од регионот, вклучително и во мојата земја, во која има поразителни статистики и во однос на процентот на корисници на тутунот, и на бројот на загубени живот како последица на оваа зависност, како и штетите на годишно ниво кои се изразени во милијарди денари. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на состанокот на високо ниво што се одржува во Подгорица во организација на Министерството за финансии на Црна Гора во соработка со Светската здравствена организација, посветен на елминирање на штетните влијанија од употребата на тутун. „Спроведените студии даваат фрапатни податоци за конзумирање на тутун. Мојата земја за жал е четврта земја во светот по потрошувачка на цигари. Половина или околу 45 проценти од возрасното население користи тутун. Последиците се уште попоразителни со околу 5000 смртни случаи годишно и трошоци на годишно ниво од 38 милијарди денари. Ова е повеќе од очигледно дека е потребна итна акција“, порача министерката за финансии.
Таа се осврна на мерките што ги има преземено РС Македонија досега во насока на ставање под контрола на употребата на тутунот, напоменувајќи ги воведените и постепеното зголемување на акцизите кај тутунот и тутунските производи, новиот Закон за акцизи, забраната за пушење во јавните објекти, како и повеќе мерки и активности кои се во делот на Царинската управа, а со цел сузбивање на црниот пазар со тутун и тутунски производи. „Преку Минитерството за здравство имаме активна соработка со Светската здравтвена организација во областа на контролата на тутунот како дел од Двегодишниот договр за соработка кој е фокусиран на конкретни активности, како и мерки од Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи кон Рамковната конвенција за контрола на тутунот“, наведе министерката и додаде дека имплементацијата на предвидените мерки треба да ја намалат превалненцата на пушење на 18%.
Оцени дека станува збор за сеопфатен сет алатки за борба против нелегалната трговија, воспоставувње глобален систем за следење на движењето на тутунските производи, како и мерки за унапредување на меѓународната соработка, и имплементирање санкции и мерки за спроведување на законите, а има цел да се бори против црниот пазар на тутунските производи, кој игра клучна улога во поткопувањето на политиките за контрола на тутунот и јавното здравје. При тоа сподели податоци дека во текот на 2024 година се откриени 10 случаи на нелегална трговија на тутун со 1355 килограми, 50 случаи со цигари со близу 300 илјади парчиња, три случаи на недозволена трогивја со електронски цигари и патрони , како и по еден случај со пури и СНУС. На состанокот во Подгорица учестуваат министри и заменици министри за финансии на земјите од Западен Балкан, како и претставници од претставници на Свеската здравствена организација и Eвропската комисија, Обединетото Кралство, Словенија, Светска банка, Светската царинска организација, Организацијата за економска соработка и развој, како и претставници на академската заедница.