Собранието има надзорна функција врз Владата, пратеничките прашања се алатка за постигнување на тој ефект и мислам дека особено Владата треба да биде внимателна во Собранието како се однесува кон пратениците, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши. Владата треба да биде внимателна како се однесува кон пратениците во Собранието, а министрите на седницата за пратенички прашања знаат дека доаѓаат да одговараат на прашања, порача денеска претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите. Тој беше прашан да ја коментира вчерашната случка кога министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска ѝ рече на пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска дека нема право да зборува за потрошувачката кошничка затоа што нема деца. На ова Петровска реагираше дека министерката сакала да ја навреди и да ја омаловажи, а Димитриевска Кочовска два пати ирази жалење.
– Кога се случуваат пратенички прашања треба министрите и Владата да знаат дека доаѓаат да одговараат на пратенички прашања и треба да се почитува Уставот какви ингеренции има секоја институција. Собранието има надзорна функција врз Владата, пратеничките прашања се алатка за постигнување на тој ефект и мислам дека особено Владата треба да биде внимателна во Собранието како се однесува кон пратениците – рече Гаши. Тој додаде дека како претседател на Собранието секогаш повикува на подигнување на политичката култура, однесувањето и на почитување на етичкитот кодекс помеѓу пратениците.
– Сите пратеници мора да се грижиме за достоинството на Собранието, а тоа се прави првенствено преку почитување на едни спрема други. Можеме да ги искажуваме нашите политички ставови без да навредиме никого. Јас повикувам, како што сум повикувал секогаш и ќе продолжам да повикувам сите пратеници да се држат до почитување на етичкиот кодекс. Веќе разговараме и за донесување на нов етички кодекс кој сакаме да го подобриме и сите да се договориме консензуално да го почитуваме. Мислам дека ќе работиме сите на надградба и зголемување на политичката култура. Ваквите настани не се мили, не е добро за Собранието, тоа не зборува добро за нас. Се надевам дека вакви инциденти нема да се повторат – рече Гаши.